MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Interview » ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ГОРДАНА ТАСЕВА САМО ЗА ЧИТАТЕЛИТЕ НА MACTEL
 
ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ГОРДАНА ТАСЕВА САМО ЗА ЧИТАТЕЛИТЕ НА MACTEL
15.01.2018, 12:53:29
 
 
 

Гордана Тасева, дипломиран етнокореолог и професор во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј" - Скопје на насоката за традиционална музика и игра - мотиватор за младите генерации и професионален пренесувач на знаења со цел зачувување на традицијата. Со неа разговараме околу преземањето соодветни чекори денес за чување на фолклорната оставнина, а конкретно за реализацијата на семинари и предавања во таа област како дел од неформалното образование.

.

Како би ја дефинирале традицијата и колку погледнато низ Вашите очи како професор, се негува традицијата од страна на младите?

Традицијата е оној елемент кој грижливо се негува, одржува и опстојува во сите времиња. Најчесто повозрасните се тие кои се држат до традицијата и ја пренесуваат од колено на колено. Во нашето општество таа се согледува преку обичајните, моралните и религиозни норми. Но она што во последно време ме фасцинира е големото почитување на традицијата од страна на младите. За тоа е и потврда нивното се' поголемо учество на Семинарот за традиционална музика и игра што се одржува во Битола, на кој веќе две години по ред имам прилика да бидам дел од тимот на предавачи, а од самото негово постоење сум и учесник и сум вклучена во делот за организација на Семинарот.

Го споменавте Семинарот за традиционална музика и игра во Битола. Какви се' работилници се реализираа во рамки на тој семинар последнава година?

Во рамки на деветтото издание на Семинарот на традиционална музика и игра - 2017 беа реализирани работилници за методика на народни ора, традиционално пеење и традиционални инструменти. Беа и обработени истражувања и трудови на автори од Универзитетот ,,Гоце Делчев" - Штип, Катедра за етнокореологија; Институтот за Фолклор ,,Марко Цепенков" - Скоје; ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј" – Скопје, Насока за традиционална музика и игра и од Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ - Скопје. На овој семинар, дел од моите обврски беа курсот за традиционално пеење и работилницата по методика на народни ора каде учесниците се запознаа со Источното играорно подрачје, поточно со народните ора, инструментариум и песни од етничките предели Овче Поле и Дурачка Река. Застапен беше најмногу практичниот дел со цел учесниците да можат веднаш потоа, стекнатите знаења да ги пренесат во културно - уметничките друштва од каде што доаѓаат.

Кога веќе навлеговме во контекстот на културно - уметничките друштва, што би кажале околу состојбите во нив од аспект на нивото на нивниот сериозен пристап кон соодветно зачувување на традицијата?

Долгогодишниот недостаток на сериозен пристап доведе до состојба во која играорната уметност се рангира на пониско ниво од останатите уметности. Не е секогаш најдобро со насмевка или аплауз да се прифати се' што ни нуди сцената, затоа што не е достојно за вредно и квалитетно се' што се интрепертира на истата. Од многу одамна, со мали интервенции, најчесто во називите на кореографиите како и дефилирањето на нови автори во народна кореографија, состојбата е скоро непроменета. Во Македонија скоро во секој град и во повеќето рурални места функционираат културно – уметнички друштва, а дел од нив според современите називи се именувани како фолклорни ансамбли или студија за фолклор што генерално го следат веќе од денешен аспект концептот на играорна сценска интерпретација. На ова се должи недоволната едукација на раководниот и стручниот кадар, како и членовите на друштвата кај кои се провлекува недоволна креативност во она што го пласираат. Едукацијата би требало да се одвива на паралелно ниво, со едуцирање за елементите кои ги содржи традиционалната игра и воедно уметноста на едукација на публика, која често пати некритички го прифаќа сето она што и' се пласира на сцената.

Која е важноста од постоење и презентација на културната оставнина?

Во ризницата на огромно културно наследство, македонскиот народ создал и развивал една ретко богата материјална и духовна култура во облик на музика, игра и народна носија. Македонскиот народен гениј низ вековите ги пренесувал од поколение на поколение и стекнатите знаења од областа на традиционалната игра. Затоа денес македонската традиција важи и за една од најбогатите во светот затоа што долги години многу културно уметнички друштва ја презентираат ширум светот.

Колку странците и ,,светот" се заинтересирани за македонската традиција?

Кога сме кај странците и нивната заинтересираност за нашата традиција, ќе кажам дека интересот и посетеноста на многу манифестации на кои се презентира македонската традиција е доста голем, како и нивната заинтересираност за посета на Семинарот за траиционална музика и игра во Битола, кој од година во година се' повеќе расте. Така, годинава покрај честите и верни поддржувачи од Холандија, имаа можност истиот да го посетат и учесници од Чикаго, Словенија и Србија. Би сакала да напоменам дека оваа година на Семинарот за традиционална музика и игра во Битола, бројката ја оправдаа со присуство 70 ученици и студенти од нашата земја и странство како и голем број раководители, кои ја поддржуваат и прифаќаат едукацијата за промени во нивните културно - уметнички друштва за презентација на нивна автентичност и доследност кон нашата традиција.

Одржувате и семинари во Штип за помладите генерации. За што станува збор?

Едно од пооригиналните во однос на едукацијата е културно - уметничкото друштво, односно Школата за фолклор при Академијата ,,ЕУРОАРТ" од Штип. Интересно е што тие реализираат нови концепти за вакво неформално образование преку зајакнување на капацитетите на нивните членови во однос на играње, пеење, оркестрирање, актерство, литература, односи со јавност и истражување. Со задоволство реализирав семинари за пеење, народна носија и играње пред нивните членови. Иницијативите и потребите беа нивни, мое беше да пренесам соодветни знаења пред лица кои имаат интерес да научат нешто плус, нешто ново и нешто корисно и практично. Тие имаат многу талентирани деца со кои редовно споделуваме и впечатоци од нивните истражувања на терен. Инаку, реализирав и неколку предавања во рамки на летните школи во 2016 и 2017 година на кои луѓето од тимот на ,,ЕУРОАРТ" се јавуваат како коорганизатори.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News