MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Top Stories » БЕЈЛИ ОТКРИ ДЕКА ДИК СИ ДЕЛЕЛЕ БОНУСИ, ДИК СВИКА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА
 
БЕЈЛИ ОТКРИ ДЕКА ДИК СИ ДЕЛЕЛЕ БОНУСИ, ДИК СВИКА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА
05.12.2017, 13:04:00
 
 
 

Покрај редовната плата, која најчесто не е пониска од 60.000 денари, на членовите на ДИК им биле исплатени дополнителни 9 плати како награда, ако се направи груба пресметка, тогаш излегува дека секој од членовите на Комисијата во последните две години, освен платата, се офајдил со околу 11.000 евра, пренесе Слободен печат.

 

.

Повеќе од 100.000 евра во последните две години им биле исплатени како награда за прекувремена работа на сите вработени во Државната изборна комисија (ДИК), открива претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски. Како што рече, во последните две години на секој од членовите, покрај редовната плата, која најчесто не е пониска од 60.000 денари, им биле исплатени дополнителни 9 плати поради непристрасното, совесното и одговорното работење во согласност со надлежностите утврдени со законот. Ако се направи груба пресметка, тогаш ќе се забележи дека членовите на Комисијата во последните две години, освен платата, се офајдиле со по околу 11.000 евра.

И самиот претседател Чичаковски е сомничав околу одлуката да се доделуваат наградите, бидејќи како што вели, членовите и вработените редовно примаат плата за нивното професионално и совесно работење, па токму затоа смета дека висината на наградите треба да се одмеруваат според правилни критериуми и да бидат во рамките на буџетот на ДИК.

Јас се борев за помалку, а дел од членовите се бореа за повеќе плати, меѓутоа сметам дека одлуката најпрво треба да го издржи судот на јавноста, рече Чичаковски.
– Сè уште сметам дека наградите што ги добиваат членовите на ДИК не треба да изнесуваат повеќе од 3 плати, односно треба да бидат исти како што земаат вработените во изборната администрација – вели Чичаковски.
Најдоброто решение, според него, е да се интервенира во Изборниот законик и да се избрише членот 19, кој бил вметнат во 2014 година и кој предвидува претседателот и членовите на изборните органи да имаат право на надоместок, кој се утврдува со акт на Државната изборна комисија.
Во Државната изборна комисија работат вкупно 9 членови, а освен нив, награди добиваат и членовите на изборната администрација, како и другите вработени во ДИК.

Во изминатите две години во Македонија биле организирани вкупно 9 изборни циклуси, вели Чичаковски, и посочува дека висината на исплатените награди изнесува околу 100.000 евра.
– За време на парламентарните избори во декември 2016 година, секој член на ДИК беше награден со 5 плати, а за локалните избори во октомври годинава секој од нас прими дополнителни 4 плати. На пример, ако еден вработен има редовна плата од 60.000 денари, тоа значи дека во декември ланската година заработил дополнителни 300.000 денари, а во октомври годинава добил надоместок од 240.000 денари – објаснува Чичаковски.

Според Правилникот за критериуми за определување на надоместокот за локалните избори во септември, предвидено е на претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК да им се исплатат 4 плати, а на генералниот секретар на ДИК да му бидат исплатени 3 плати. Државниот советник, вработен во стручната служба на ДИК му се определува надоместок од 3 плати, а исти награди од 3 плати добиваат и раководителите на секторите во стручната служба, раководителите на одделенијата и на административните службеници.

Сепак, Чичаковски вели дека отсекогаш се залагал за совесно работење и за скромно трошење на ресурсите, а како што тврди, и покрај тоа што е претседател на ДИК, неговата плата е една од најниските во споредба на примањата на другите членови на Комисијата.
– Иако сум претседател, мојата месечна плата изнесува 64.000 денари, а примањата на постарите и поискусни колеги достигнуваат до 70.000 денари. Ми следува и личен возач, но јас никогаш не сум побарал. Ми следува и обезбедување, но јас не сум побарал и покрај тоа што неколкупати досега ми бил загрозен животот. Возам службено возило „голф 4“ произведено во 1996 година. Ова само докажува дека не живееме во луксуз и не се расфрламе со пари – вели Чичаковски.

Државната изборна комисија попладнево ќе одржи вонредна седница, потврди претседателот на Комисијата Александар Чичаковски за ТВ 24.

Се подготвуваат документите за да се повлече одлуката за бонусите што си ги доделиле членовите, но имало дилема и се разгледувало дали истото да важи и за службите односно како за нив да не се повлекува одлуката.

Членовите на ДИК вчера попладне итно се собраа откако американскиот амбасадор Џес Бејли обелодени дека зад затворени врати си изгласеле дополнителни плати по завршувањето на парламетарните и локалните избори. Амасадорот Бејли посочи дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за 4 дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија, а лани дополнително добиле и плата за 5 месеци по вонредните парламентарни избори.

По објавата на скандалозната одлука од ДИК посочија дека се подготвени да ги вратат доделените бонуси.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News