MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Interview » ВЕРОНИКА НИКОЛИСКА ЗА MACTEL – МЛАД УМЕТНИК КОЈ ЗНАЕ КАКО СЕ САКА И НЕГУВА ТРАДИЦИЈАТА
 
ВЕРОНИКА НИКОЛИСКА ЗА MACTEL – МЛАД УМЕТНИК КОЈ ЗНАЕ КАКО СЕ САКА И НЕГУВА ТРАДИЦИЈАТА
14.11.2017, 13:48:32
 
 
 

Матурантката, Вероника Николиска, од Штип вели дека нејзината љубов кон фолклорот се појавува уште од мали нозе, а истовремено и љубовта кон изворната македонска музика. Денес е веќе изградена личност со многу знаење и со мисија да продолжи да ја негува традицијата.  

.

Кога и како се определивте да се занимавате и да го изучувате фолклорот?

Со завршувањето на основното образование се определив своето понатамошно школување да го продолжам во ДМУЦ „Сергеј Михајлов" -Штип на Одделот за народни инструменти и изворно пеење во класата на проф. Илија Ќосевски. Оттука започнува и моето професионално занимање со музиката. Како што изминуваа годините, така се нижеа и концертите, настапите, натпреварите, а воедно и наградите. Искуството што го стекнав во средното образование е најдоброто нешто кое што сум го доживеала во мојот досегашен живот. Мојата искрена благодарност за моето знаење кон изворната музика и начинот на кој што треба да ја пренесам ја должам на професорот Илија Ќосевски.

Каде сè имате настапувано и какви се впечатоците од тие концерти?

Имам настапувано на многу фестивали, натпревари, како во Македонија, така и надвор од Македонија. Мојата прва турнеа беше на само 10 години во Р. Бугарија настап на фолклорниот фестивал во градот Микрево. Исто така, други настапи надвор од Македонија сум имала и во: Србиjа, Босна, Турција итн. Во Македонија имам настапувано на многу фестивали, концерти, натпревари и преку играорната група и преку Средното музичко училиште.

Главно, се враќате со награди од сите манифестации со натпреварувачки карактер. Што би издвоиле од натпреварите на кои сте зеле учество?

Би ги издвоиле натпреварите во Скопје преку училиштето каде што освоивме второ место, учеството на натпреварот во Кавадарци каде што првата година освоивме второ место, втората година освоивме прво и оваа година го освоивме и Специјалното прво место. Во моментов членувам и во Академијата „Еуроарт“, каде имаме постојани тренинзи и настапи и каде асистирам во делот за играње, пеење и оркестрирање. Преку оваа академија, учествувавме и на Фолклорниот фестивал „Тодорица 2017“ во Св. Николе од каде што се вративме со освоена ГРАН ПРИ - награда. Исто така, преку „Еуроарт“, вев дел од групата што освои и прва награда за сценска изведба на Фестивалот „Гајда“, Ињево – 2017.

Ова се само дел од настапите и успесите. Штотуку матуриравте. Каде се гледате себеси во иднина?

Моето школување, секако, дека не завршува овде. Понатаму ќе продолжам и како студент на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев" од Штип. Генерално, себеси се гледам како изграден музички и културен работник во меѓународни рамки. Поединечните визии и планови ќе ги зачувам засега за себе и ќе се трудам со сиот свој максимум да ги остварам.  

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News