MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Top Stories » МАКЕДОНИЈА ГО ЧЕСТВУВА 11 ОКТОМВРИ
 
МАКЕДОНИЈА ГО ЧЕСТВУВА 11 ОКТОМВРИ
11.10.2017, 17:00:00
 
 
 

Сега е време, после сите последни премрежија и искушенија, да направиме од нашата држава дом за сите. Сите наши деца да ја видат како своја сопствена дестинација. Должни сме да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопствено место во домот Република Македонија, рече претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешниот централен настан на одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание, во дворот на Владата, пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, на кој повеќе делегации положија цвеќе.

 

.

„Сега е време да им докажеме на последните скептици дека Република Македонија како дом на слободата на сите нејзини граѓани, е новата ѕвезда во европското соѕвездие. Дека го заслужуваме тоа место.

Затоа мораме да продолжиме, одлучно и храбро, и да исчекориме во решавање на последните отворени прашања за нашата држава во освојувањето на нашата стратегиска цел во оваа фаза од нашата историја – побогато општество и повеќе можности за сите, членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија.

Велам: во оваа фаза од нашата историја, зашто тоа не е последната цел. Нашата цел, целта на оваа генерација, всушност, нема крај. Зашто освојувањето на слободата, како и чувањето на мирот, никогаш не завршуваат.

Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Но, патриотизмот не завршува тука. Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба.

Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на востанието на Македонија, да живее Слободна Македонија!“, рече премиерот Заев на крајот од своето обраќање по повод Денот на народното востание.

По повод 11 Октомври, Денот на народноослободителното востание, денеска во Прилеп им беше оддадена почит на загинатите борци и дејци од Народноослободителната борба.

По тој повод, пред спомениците на првиот претседател на президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто и на идеологот на НОБ, Кузман Јосифоски Питу, во центарот на Прилеп, свежо цвеќе положија и почит им оддадоа претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, министерот за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, од Сојузот на борците, претставини од локалната самоуправа, политички партии и граѓани. Делегациите почит им оддадоа и на 650-те загинати борци од НОБ на Могилата на непобедените во Паркот на Револуцијата.

Според министерот за одбрана Радмила Шекеринска, непобедени се сите кои се бореле за слободна и независна Македонија, а секоја генерација има своја битка.

– Велиме непобедени се сите оние кои се бореле за слобода. И поради нивната борба пред многу години, денеска Македонија е слободна и независна држава. Меѓутоа, секоја генерација има своја борба. Македонија како држава покажа дека е зрела понатаму да се избори за својата демократија, за својата стабилност, безбедност и за својот економски просперитет. Денеска кога им оддаваме почит на сите минати борци, време е да се потсетиме и на они кои денеска ја бранат Македонија и нејзините интереси. Затоа ми е задоволство да кажам, како и вчера, дека владата успеа да обезбеди средства во буџетот за 2018 година за зголемување на платите за 10 насто во целиот армиски состав, рече Шекеринска.

.Во рамките на одбележувањето на 11 Октомври во Прилеп синоќа беше изведен традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на виорните насани пред 76 години, а денеска се одржуваат и две манифестации. На булеварот „Гоце Делчев“ по 10-ти пат се одржува изложба на автомобили- олдтајмери и спортскимопдифицирани автомобили, а на плоштадот пред Граскиот саат е и изложбата на рачни ракотворби во организација на невладината „Мајка традиција“.

 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News