MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Interview » АНТОНИО СТОЈЧЕСКИ ЗА МАКТЕЛ – ПРИМЕР ЗА МЛАД ЧОВЕК КОЈ СО ДЕЛА ЈА НЕГУВА MАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИЈА
 
АНТОНИО СТОЈЧЕСКИ ЗА МАКТЕЛ – ПРИМЕР ЗА МЛАД ЧОВЕК КОЈ СО ДЕЛА ЈА НЕГУВА MАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИЈА
18.09.2017, 13:38:32
 
 
 

Седумнаесетгодишниот, Антонио Стојчески, е млад, но професионален презентер на македонската традиционална култура. Со освоено Признание за најдобар игроорец, исклучително вешт во рачни изработки, изработувач на носии, член на повеќе фолклорни асоцијации, Антонио е пример за млад човек кој со дела ја негува традицијата и работи на нејзина афирмација.  

.

- Кога прв пат се сретнавте со фолклорот и како се развиваше и надградуваше Вашето чекорење во сите негови сродни области?

Уште од шест годишна возраст се моите почетоци и првото запознавање со традиционалната игра во КУД „Никола Јонков Вапцаров" каде што активно членував осум години, сè до моето запишување во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје во насоката за традиционална музика и игра, профил - Традициски играч - пејач каде што ја изучувам традиционалната игра во оригинална форма каква што е најдена преку база на теренски истражувања.

- Што сè изучувате во рамки на таа образовна насока и кон што понатаму Ве водат личните афинитети?

Покрај играта, неизбежно е и да се напомене традиционалното пеење кое што веќе го изучувам трета година по ред. Во наставната програма како уште еден стручен предмет ми се и народните инструменти и слободно можам да кажам дека веќе свирам два инструмента и тоа: кавал и гајда. По завршување на моето средно образование, другата година сакам да се запишам на Музичката академија при УГД - Штип на катедрата за Етнокореологија.

- На лична иницијатива и со својот ентузијазам правите теренски истражувања. Како се одвива сето тоа?

Покрај активностите што веќе ги набројав, веќе трета година по ред се занимавам и со сопствени теренски истражувања во различни делови од Р. Македонија. Преку нив јас повеќе учам за традиционалната игра, песните, обичаите, инструментите и носиите. Се занимавам и со колекционерство и изработка на традиционални носии.

- Каде сè членувате во моментов како фолклорист и презентер на македонската традиција?

Моментално сум член во Ансамбл „Македонија“, во „Студио Фолклор“ од Скопје, како и во Школата за фолклор при Академијата „Еуроарт“ од Штип каде што се надградувам себеси во сите мои категории.

- Имате освоено многу награди. Што е она што Ве прави горд и што е освоено во последниов период како резултат на Вашиот труд и квалитет?

Би ги набројал следниве награди: 04.03.2017 бев дел од тимот што освои ГРАН ПРИ-то на Меѓународниот фестивал на изворен фолклор „Тодорица 2017“ Свети Николе; 17.04.2017 - освоено 1 (прво) место за најдобар играорец на Меѓународниот фолклорен фестивал „Велигденски средби“ с. Ораовица; 18.06.2017 - дел од тимот што освои ГРАН ПРИ на Меѓународниот фестивал за кореографија „X Dance“ во Скопје.

- Во моментов работите на еден интересен проект. Ниту еден млад човек во Македонија како поединец нема направено таква манифестација на афирмација на фолклорната оставнина. За што станува збор?

Да, во моментов подготвувам завршна манифестација за презентација на мојата колекционерска работа. Благодарен сум што имам поддршка од компетентни лица, но, генерално, проектот го работам сам. Не би сакал да откривам детали, а убеден сум дека ќе предизвика интерес кај пошироката јавност. Во план сум да ја презентирам манифестацијата на повеќе места, а дотогаш ќе ги доработувам сите детали за да ја оствариме целта – да презентираме една мултимедијална „фолклорна бајка“ во современиот 21 век.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News