MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Interview » ИНТЕРВЈУ : РЕНАТА ПЕНЧОВА ЗА MACTEL НЕЈЗИНОТО ВРЕМЕ ДОПРВА ДОАЃА, МЛАДА, ТАЛЕНТИРАНА И ВЕЌЕ УСПЕШНА ПОЕТЕСА
 
ИНТЕРВЈУ : РЕНАТА ПЕНЧОВА ЗА MACTEL НЕЈЗИНОТО ВРЕМЕ ДОПРВА ДОАЃА, МЛАДА, ТАЛЕНТИРАНА И ВЕЌЕ УСПЕШНА ПОЕТЕСА
19.07.2017, 18:35:55
 
 
 

Велат годините и искуството секогаш го прават своето, а ако е така тогаш со право можеме да кажеме дека нејзиното време допрва доаѓа. Рената Пенчова е млада, амбициозна и надарена поетеса од Штип која деновиве промовираше две свои книги и ја збогати македонската ризница со уште два наслови кои дефинитивно заслужуваат да го најдат местото во вашата домашна библиотека.
За тоа како помина промоцијата и кои се нејзините идни планови зборуваме во продолжение.

 

.

- За почеток, беа промовирани две книги, ‘’ Осцилации ‘’  и ‘’ Патот до Метаморфоза ‘’ , колку ти како автор си задоволна и кои се очекувањата, мислиш ли дека ќе успеат да го најдат својот пат до читателската публика?

Искрено промоцијата помина во најдобар ред, за тоа беа заслужни печатницата, вработените во НУ-УБиблиотеката “Гоце Делчев” -Штип и сите оние кои на некој начин беа вклучени околу техничките подготовки. Јас сум презадоволна од реализацијата и од тоа што делото заживеа во рацете на читателската публика. Исто како и секој автор се надевам дека книгите ќе си го пронајдат патот до литературното сонце.

- Ајде да ги запознаеме малку повеќе читателите на mactel со приказната од ‘’ Патот до Метаморфоза ‘’, станува збор за една интересна приказна?

Предмет на обработка во книгата ‘’ Патот до Метаморфоза ‘’ е бегалската криза на сиријските мигранти. Самата чувствував потреба да проговорам за овие луѓе и да погледнам во очите на нивната отежната ситуација.  Мотивацијата за прв пат се јави од тоа што одблиску можев да го погледнам нивното страдање, според некоја игра на времето, тоа се случи на една железничка станица. Тогаш се роди мотивацијата јас  да започнам да измислувам некоја сопствена имагинација за нивниот живот. Напишав новела и со истата конкурив на еден конкурс и се закитив со награда. Тоа ми даде дополнителна желба да го продолжам веќе започнатото. Потоа мојата идеја ја споделив со директорката Милена Ристова-Михајловска, таа ме информираше дека токму и во нашиот град живееле дел од мигрантите, но сето тоа не и било познато на јавноста. Извадоци од романот пративме на овие семејства, а тие беа воодушени што некој успеал одредени сегменти од нивниот живот да опише. Тие со првото препрочитување ни споделија дека си пронашле дел од својата болка во самата книга. Откако ја добив поддршката продолжив со уште поголема верба да работам.

- Промоцијата се случи на денот на твојот роденден и она што остави свој белег меѓу другото беше и доделувањето на благодарница на твоите родители, значи ли тоа дека родителите се твојата најголема поддршка и колку поддршката воопшто ти значи во она што го работиш со оглед на тоа што станува збор за мошне млада поетеса?

 Кога го договаравме денот на промоцијата, директорката само ми се насмеа и ми кажа дека ја правиме на твојот роденден. На почетокот не верував, се додека не ми сподели информација дека промоцијата е закажана и во ШКЛ-2017 на 13.7.2017. Искрено се израдував и излезе по прекрасната промоција дека ќе го паметам овој роденден. Инаку,  јас на своите родители им доделив сопствена благорница за тоа што чувствував желба да им се заблагодарам за тоа што се мојата најголема поддршка и што секогаш цврсто стојат зад секој мој избор. Нормално кога правиме нешто сакаме да веруваме во тоа, пред се, самите во себе, а потоа и другите во нас. Овде сакам да се заблагодарам и на големата поддршка што ја добив и од директорката Милена која со огромна желба  секогаш се залага за сите млади литерати и творци во нашиот град. Промоцијата беше збогатена и со најмладите креативци, кои беа дел од Бесплатната летна школа “Библио-арт” која е во организација на библиотеката, а јас сум координатор на самиот проект. Дел од нив и беа рецитатори на моите творби, дел модератори, дел логистичка организација. Огромна благодараност и до сите нив.

- Какво е твоето лично видување, читаат ли младите во Македонија и мислиш ли дека со издавањето на книги од помлади автори може да се влијае особено кај помладата читателска публика?

Во последно време како што ги слушаме статистичките податоци, не можеме да се пофалиме со некоја исклучителна заинтересираност кај читателската публика . Но, искрено се надевам дека тоа може да се промени со потикнувањето на талентираната младина.

- А што е со поддршката од државата, колку еден млад и талентиран автор ја има истата во нашата земја?

Поддршката ја има, но сметам дека треба уште со поголеми сили да се вложува во истата. За зачувување на нашиот сопствен јазик, традиција, кутура затоа што јазикот е она што го пренесуваме уште од прадедовината. Книгите за прв пат да се прикажат пред јавноста, успеавме да излобираме и поддршка  од министерсвото за култура. Оваа можност ја користам и за нивна благодарност.

- Инаку до сега Рената има издадено веќе три книги, покрај споменатите две пред четири години беше промовирана ‘’ Љубовта трепери во срцата ‘’, ме интересира како оди промоцијата на книгите надвор од нашата земја , знам дека веќе ‘’ Осцилации ‘’ беше претставена и во Ќустендил, се планира ли ново гостување?


Да, дел од моето творешство беше претставено и во Р. Бугарија во градовите Стражица и Ќустендил. За почеток одлично беа прифатени од нивна страна, што тоа особено ме радува. Во план се уште многу нови гостувања и посети, за кои благовремено ќе ја известиме вашата публика.

- Не можам а да не те прашам каде и како ја црпиш инспирацијата со оглед на тоа што станува збор за 19 годишна девојка?

Во склоп на секојдневието што го живееме инспирацијата е насекаде околу нас, воопшто не е потребно да ја бараме, таа сама си доаѓа...( хаха, се смее) Но, дефинитивно најмногу инспирацијата ја наоѓам во луѓето, од тоа колку меѓу себе знаат да бидат различни, а сепак се исти. Од сите посебни индивидуи пронаоѓам врутоци од инспирација, нивната вистина, живот секогаш ме заинтересираат да дознаам нешто повеќе.

- Знам дека е неблагодарно но сепак ќе те прашам, што повеќе те исполнува пишувањето проза или поезија, каде се пронаоѓаш себе си повеќе?

На почетокот кога започнав да се занимавам со пишаниот збор дефинитивно повеќе ги сакав епските, прозни широчини каде што можеме повеќе да се изразиме. Но, со текот на времето поезијата се повеќе ми влегуваше под кожните пори. Подеднакво ми се драги и поезијата и прозата, секогаш кога се кажува нешто значајно.

- Како се гледа Рената Пенчова за неколку години, или со други зборови што можеме да очекуваме следно?

Не сакам многу да зборувам за идни планови, но сепак се гледам во тоа да го правам она што ме исполнува и ми причинува задоволство. А, јас со максимални сили ќе се трудам да ги постигнам желбите и целите.

Јас ти посакувам многу среќа и успех во она што го работиш и во животот воопшто и се надевам дека многу наскоро ќе се видиме во Австралија на промоција на некоја од твоите книги...Ти благодарам уште еднаш за одвоеното време и внимание.

 
 
 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News