MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » News World » БЛЕР: ПОСТОИ ГОЛЕМА ШАНСА БРИТАНИЈА ДА ОСТАНЕ ВО РЕФОРМИРАНАТА ЕУ
 
БЛЕР: ПОСТОИ ГОЛЕМА ШАНСА БРИТАНИЈА ДА ОСТАНЕ ВО РЕФОРМИРАНАТА ЕУ
16.07.2017, 08:20:00
 
 
 

 

Поранешниот британски премиер Тони Блер изјави дека постои голема можност Велика Британија да не излезе од Европската Унија и дека е „неопходно“ запирање на брегзитот.

.

 

Некои лидери на ЕУ може да бидат спремни на компромис за слободното движење на луѓето за да ѝ помогнат на Британија да остане на единствениот пазар, рече Блер, пренесува Би-би-си.

Во интервју за програмата „Тудеј“ на Би-би-си Блер рече дека ЕУ испитува планови со кои за Британија „би било многу поудобно“ да остане во Унијата.

Бившиот британски премиер рече дека не би ги откривал „разговорите што ги имав со Европа“, но и дека не зборува „од памет“.

Блер зборуваше за Би-би-си откако во текст за својот сопствен Институт за глобални промени напиша дека постои простор за компромис за слободното движење на луѓето и дека лидерите на ЕУ може да бидат подготвени да ги „задоволат потребите“ и да ја задржат Британија во блокот од 28 земји.

За „Тудеј“ тој рече дека ситуацијата во Европа била поинаква кога Британија гласала да замине од ЕУ - потег што го опиша како „најсериозниот што таа го направила по Втората светска војна“.

Според него, изборот на Емануел Макрон, чија политичка партија беше формирана лани, за претседател на Франција дава надеж за „широки реформи“ на ЕУ, што значи дека Велика Британија и ЕУ може да се сретнат на „половина пат“ за да се постигне договор што би ја задржал Британија во најголемата трговска зона во светот.

„Французите и Германците споделуваат некои од проблемите со кои се соочуваат Британците, особено во однос на имиграцијата, и ќе направат компромис што се однесува на слободата на движењето“, убеден е Блер.

Неговите коментари, сепак, се спротивни на преговарачката позиција на ЕУ, која нагласува дека тие не можат селективно да ги избираат придобивките што ги носи членството на единствениот пазар, а да не прифаќаат слободно движење за работниците од ЕУ, вели Ројтерс.

Блер, кој беше премиер 10 години - до 2007 година, сакаше да ја внесе Британија во еврозоната и веруваше дека земјата треба да биде лидер во ЕУ, а не да се повлече од Унијата.

Британската влада вчера соопшти дека в понеделник во Брисел ќе се одржат вториот круг разговори за брегзитот.

Британскиот министер за брегзит, Дејвид Дејвис, ќе се сретне со главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, а нивните разговори ќе бидат проследени со состанок на координаторите и преговарачките тимови.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News