MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Top Stories » САМИТОТ ВО ТРСТ ЗАВРШИ, ДАЛИ ЌЕ ДОНЕСЕ ПРЕСВРТНИЦА ЗА МАКЕДОНИЈА
 
САМИТОТ ВО ТРСТ ЗАВРШИ, ДАЛИ ЌЕ ДОНЕСЕ ПРЕСВРТНИЦА ЗА МАКЕДОНИЈА
14.07.2017, 15:50:00
 
 
 

Со потпишување на договорот за транспортна заедница завчеравечер во Трст заврши 4-от самит на лидерите на Западен Балкан, кој се организира во рамките на Берлинскиот процес. Главната порака од самитот е зајакнување на регионалната соработка, односно поврзување на Западен Балкан, како клучен елемент за забрзување на европските интегративни процеси на регионот, зајакнување на економската соработка, пред сѐ во областа на малите и на средните компании, ИТ-секторот, науката и друго, пренесува Нова Македонија.

 

.

Германската канцеларка Ангела Меркел претходно изјави дека должност на Европската Унија е да го приближи регионот „бавно, но сигурно“ во правец на членство на ЕУ.

- Политичката стабилност во регионот значи политичка стабилност и за нас. Ние го знаеме тоа од искуство - посочи Меркел. 
Домашните политичари објавија дека Македонија е најголемиот добитник од самитот во Трст бидејќи од вкупно 194-те милиони евра грант наменет за развој на инфраструктурата во Западен Балкан, земјава доби 70 милиони евра за доизградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка или 46 отсто од вкупната вредност на оваа делница.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, посочи дека владиниот тим е презадоволен и додаде дека ЕУ го препознава реформскиот слух на новата македонска влада поради што ги доделила средствата од грантот.
Како што кажа, на Македонија за инфраструктурни проекти во изминатите 2-3 години ѝ биле блокирани сите грантови и кредити за кои аплицирала и додаде дека постојаните контакти во минатите месец и половина дале плод.

Во Трст Анѓушев имал средба со директорот на Европската енергетска заедница, Јанез Копач, на која се нашло решение за македонските граѓани да имаат и евтина дневна тарифа, а Македонија да ги исполни сите услови што ги бара ЕЕЗ.
Средба остварил и со претставници на Франција на која е договорено наесен заедно со премиерот Заев да ја посетат МЕДЕФ - француската асоцијација на работодавци за да се најде начин за поголема соработка меѓу Македонија и Франција.

Претходно премиерот Зоран Заев соопшти дека самитот во Трст, зборува за перспективите на целиот регион за Западен Балкан кон Европската Унија, но и, секако, за регионалното поврзување на целиот овој регион. 
- Јас сум многу среќен заради тоа што сите овие состаноци што се одржуваат овде, оставаат сериозен впечаток дека има одлична европска перспектива Република Македонија и за регионот на Западен Балкан. Пораките што ги добиваме овде, а и што ги испраќаме ние, дека ќе го поддржиме целиот овој процес, ќе соработуваме за да може да напредува регионот, секако сам за себе, но и за перспективите кон Европската Унија - вели Заев. 

Лидерите на шест балкански држави и нивни колеги од Европската Унија се договорија завчера на средбата во Трст за седум нови проекти за поврзување со инвестиции од над 500 милиони евра. Тоа се наведува во завршниот документ објавен од домаќинот, Италија, јави ДПА.

Во таа сума се 194 милиони евра грантови од ЕУ и кредити на Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.  Балканските држави се повикани да ги забрзаат напорите за формирање заедничка економска и трговска зона. Средбата на високо ниво за Западен Балкан во Трст беше со учество на претставници од шест балкански држави - БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија и од Албанија.

Лидерите на Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и на Косово се сретнаа на највисоко ниво во Трст, но не добија никаква силна порака од ЕУ за продолжување на процесот на проширување на Унијата кон Југоисточна Европа, туку ја напуштија Италија само со ветување за создавање „регионална економска зона“, оценува швајцарскиот дневен весник „Ле темп“ во својот осврт на самитот од Трст.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, женевскиот весник нагласува дека по Берлин, Виена и Париз, лидерите на шесте земји од Западен Балкан се сретнаа во Трст во рамките на Берлинскиот процес.Овој процес беше промовиран во 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел, за да ја пополни празнината што настана со најавата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за одложување на проширувањето на ЕУ. Во овој контекст, лидерите од регионот сакаа да знаат дали изгледите за проширувањето сѐ уште се реални и во кои временски рамки, но најверојатно го напуштија самитот разочарани, оценува весникот.

Според „Ле темп“, наместо силна политичка порака, единствената конкретна одлука што произлезе од самитот во Трст е најавата за промоција на „регионална економска зона“, еден вид минијатурна копија на заедничкиот европски пазар.
- Јас сум многу задоволен што лидерите на земјите од Западен Балкан го потврдија формирањето на економската зона - изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. 
Тој додаде дека тоа значи создавање простор од околу 20 милиони луѓе, каде што движењето на стоки и услуги ќе биде слободно.

Проектот беше најавен на економскиот форум, кој се одржува паралелно на самитот на шефови на држави, но тоа ни оддалеку не предизвика вистински ентузијазам. Спротивно на тоа, земјите во регионот не ги кријат своите стравови дека овој мини-пазар е замена за процесот на реална интеграција, држејќи ги уште долго време пред портите на Унијата, смета швајцарскиот весник.


 

 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News