MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Showbiz News » МАЛКУ ИШАРЕТ, МАЛКУ МУЗИКА
 
МАЛКУ ИШАРЕТ, МАЛКУ МУЗИКА
19.05.2017, 20:12:00
 
 
 

Тројца музичари, љубов кон изворната музика и една сосема поинаква приказна. 

.

А како и секоја добра приказна и оваа започнала на улица. Улицата е една отворена сцена за секој уметник, па така овие тројца млади уметници својата приказна ја започнуваат свирејќи на улица. Велат дека таму е најголемата уметничка слобода и таму единствено љубовта кон музиката е она што те води. Улицата знае да те изгради и како човек и како музичар, барајќи да свириш со цело срце водено од пулсот на градот. И токму таму, некаде низ скопските сокаци, е создадена групата „Ишарет“. Во неа членуваат Тања Стојаноска (26), Михајло Стојанов (27) и Мелиса Богоева (28). Тања и Михајло се гитаристи на класична гитара, кои свират повеќе од 12 години, а Мелиса е перкусионист и користи неколку несекојдневни инструменти од повеќе култури: бендир, кахон и костарикански тропалки. За уличната уметност Михајло вели: „ Таму сам ја креираш публиката... колку повеќе вложуваш емоција, присутност енергија во настапот, толку е поголема веројатноста да го скршнеш вниманието на минувачите. Секој добар збор упатен од слушател кој издвоил дел од своето време да застане и да го конзумира она што ние го нудиме, кој застанал да го впие она што го зрачиме како енергија во музичка форма ни е посебно драг, меѓу другото и поради директниот контакт“. Жанрот кој најчесто го свират е македонска инструментална етно музика. Прекрасните мелодии на изворната македонска музика се создаваат меѓу прстите и жиците на гитарата, додека ударните инструменти ги нагласуваат нашите уникатни неправилни народни ритми. Велат ,„тоа е теренот или маалото – во кое пробуваме да си играме. И знаете како е во маалската игра... има правила, кршење на правила, комуникација, забава, лутење. Сето тоа ѝ дава живост на изведбата.“   Така помеѓу познатите изворни мелодии и ритми, во изведбата „Ишарет“ додава и нешто свое препознатливо, пронаоѓа еден свој начин на раскажување на приказните опеани во народната музика. Некогаш тоа е импровизација, некогаш тоа се примеси на џез, класика или фламенко техники, кои даваат еден посебен „ишаретски“ шмек на песните и ги прават вистински лезет за душа. Ги прашавме зошто баш „Ишарет“, од каде името. Тања вели тој збор често го слушала во детството во Охрид и секогаш имал некоја посебна магија. „Иако е турски збор за „знак“, кај нас има добиено едно малку поопширно „почаршиско“ значење. Давање ишарет не е само обично давање знак, туку е и намигнување, скриена мисла, намера...означува ситуации во кои не ти е потребен муабет, доволно е да се разбереш со еден ишарет“ – вели таа.  “Така и нашата изведба на улицата е суптилна, еден уличен ишарет кон минувачите со кои се разбираме, преку музика, без зборови„  додава Мелиса. Михајло вели дека не само кон минувачите, туку и додека изведувате, многу од комуникацијата меѓу музичарите исто така мора да биде преку суптилни знаци. „Ишарет“ е денес ангажиран од Град Скопје, и конгресниот центар „Александар Македонски“, во склоп на проектот “Улични музичари“, но покрај уличната уметност исто така има настапувано на бројни настани,  меѓу другото на настан за денот на европското знаме организиран на врвот на Водно од страна на планинарското друштво “Бистра“, на фестивал за чај, хуманитарен базар на ракотворби, свадби, домашни прослави, “Скопски летен ритам“ и многу други. Во иднина велат дека сакаат да продолжат да го истражуваат фолклорот за кој велат дека е: „навистина неисцрпен извор – во кој одново и одново ќе се навраќаме да се редефинираме.“ Исто така велат дека остануваат отворени да експериментираат и во други музички жанрови, но оставаат „Ишарет“ природно да си го најде својот тек. А ние ве оставаме со нивниот фејсбук и јутуб канал каде може да уживате во дел од нивниот репертоарот. 

 
 
 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News