MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » News Macedonia » ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ИЗГРАДБА НА НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР
 
ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ИЗГРАДБА НА НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР
19.05.2017, 14:49:00
 
 
 

Министерот за здравство во техничката влада, Никола Тодоров, официјално го потпиша договорот за изградба на новиот клинички центар „Мајка Тереза“ со претставници на фирмите изведувачи на работите „Гранит“ и „Бетон“ од Македонија и италијанската „Инсо системи“.

 

.

Како што рече во своето обраќање Тодоров, новиот клинички центар ќе биде најмодерен, неговата изградба ќе чини 72 милиони евра, а завршувањето на работите се предвидува за 45 месеци. Ќе се простира на 46 987 метри квадратни корисен простор, ќе има подземје, приземје и девет ката, како и хелиодром. Во него ќе бидат запазени сите мерки за енергетска ефикасност, ќе има најсовремен систем за централизирано управување.

Тодоров подвлече дека на проектот тој и неговиот тим работеле четири години и порача дека „здравјето не препознава политичка или етничка припадност и затоа е најважно да се изгради проектот на време во корист на сите граѓани“.

На потпишувањето беа присутни и техничкиот премиер Емил Димитриев и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски. Никола Тодоров на прашањето на новинарите во кое својство го потпишува договорот, рече дека тој е вице-премиер и министер за здравство во владата на Република Македонија, пренесе Макфакс.

Денес се потпишува договорот за градба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со што се отпочнува со реализација на еден капитален и суштински проект кој го ветивме на граѓаните. Со градба на новиот Клинички центар ќе отпочнат двете најголеми градежни компании во Македонија – Гранит и Бетон, и реномираната италијанска компанија Инсо. Вредноста на договорот, односно инвестиција, е околу 72 милиони евра, напиша претходно на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 медицински и административен персонал.

-Низ овие клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 луѓе, односно околу 2.200 луѓе дневно. Вкупната новопроектирана нето површина на оваа зграда изнесува 46.987 м2 корисен простор, 6.416,89 м2 проодни тераси и кровни градини и 531 м2 хелиодром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациенти на десеттото ниво. Се работи за најсовремен објект кој ќе биде врвен медицински центар. Ова е проект со досега најголемо значење за македонското здравство, напиша Груевски.

На проектирањето на новите објекти и инсфраструктура на Клиничкиот центар четири години интензивно работеа тимови на проектанти од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа, како и тимот од Министерството за здравство и Проектната единица.

-Со овој проект се овозможува највисоко ниво на квалитет на употребени материјали, висока функционалност и безбедност, при што врвен приоритет е третманот на пациентот и неговото олеснето движење и удобност во рамки на објектот. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал, што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип, напиша Груевски.

Она што го ветивме започнува да се реализира. Нашиот збор се исполнува, заклучува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News