MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Top Stories » ЗАЕВ ГИ ПОЧНУВА РАЗГОВОРИТЕ ЗА ВЛАДИНИОТ КАБИНЕТ
 
ЗАЕВ ГИ ПОЧНУВА РАЗГОВОРИТЕ ЗА ВЛАДИНИОТ КАБИНЕТ
19.05.2017, 14:20:00
 
 
 

Во седиштето на СДСМ попладнево почна средбата на мандатарот Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети. Ова е прва средба на двајцата лидери на партии откако Заев во средата го доби мандатот за состав на новата влада од шефот на државата Ѓорге Иванов.

 

.

На неа, според очекувањата, треба да се разговара за поделбата на министерствата и можните персонални решенија кои би ги воделе.

Заев веќе се сретна со претседателот на Беса Биљал Касами, но тоа како што кажаа двајцата лидери, била само почетна средба. Според најавите Заев деновиве ќе се сретне повторно со нив и со претставниците на Алијансата за Албанците.

Иако има уставен рок од дваесет дена за составување влада, мандатарот најави дека таа е можно да се формира побрзо.
Еден од главните филтри низ кој ќе поминат имињата на кандидати за владиниот кабинет, е тие да не се опфатени од истраги на СЈО, ниту да се надеваат дека власта ќе им помогне да избегнат санкции, ако во иднина бидат засегнати со кривични постапки. На таков начин коалицијата сака да создаде основи за силен имунолошки систем против корупција и криминал, но и да промовира цврста основа за реформи во правосудниот систем, пренесува Дојче Веле.
Покрај овие „основни преговарачки позиции“, партиите не ги откриваат ресорските преференции во новиот владин кабинет, бидејќи тие не зависат само од поединечен партиски интерес, туку и од усогласување со другите партии.
Движењето „Беса“ покрај поддршката со потписи за мнозинството, реши да учествува во новата влада. Во новото мнозинството доминира ставот дека заради стабилност на владата, а имајќи ги предвид обемните реформи што следат, би било добро сите партнери да партиципираат во владата. 
Иако имињата на кандидати за министри што деновиве се вртат во јавноста се главно во сферата на шпекулации, извесно е дека од редовите на СДСМ одредени ресори дефинитивно ќе бидат предводени од Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски. Очекувања имаат и другите партнери во коалицијата предводена од СДСМ, но потенцираат дека за нив е најважно да се формира владата и да почне процесот на реформи. Во ДУИ не ги откриваат кадровските адути, но навестуваат дека на тешките реформски обврски ќе одговорат со искусни и компетентни кадри. Алијанса за Албанците најверојатно ќе добие едно министерско место, а финишот на разговорите ќе покаже дали и со колку позиции ќе партиципира „Беса“ во владиниот кабинет. Мнозинство очекува до крајот на следната недела во Собранието да биде изгласан новиот владин состав, а веднаш потоа се очекува и седница за измените на Изборниот законик, со кој треба да се продолжи мандатот на градоначалниците.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека будно го следат целиот процес, а доколку Заев скршне од патот за кој има потпишано гаранции, тие жестоко ќе реагираат.
„Треба да останеме со отворени очи и доколку измрда, тргне кон друг пат, различен од оној за кој даде гаранции и ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира жестоко во согласност со демократските можности и ќе се спротистави, а верувам дека и сите други ќе го направат тоа. Во ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе останеме будни, ние имаме план, ние знаеме што правиме, имаме подготвени чекори и во правец на зачувување на унитарноста и во следење на овој процес понатаму“, изјави лидерот на партијата, Никола Груевски.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News