MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » News World » ЌЕ СТАНЕ ЛИ ВЕНЕЦУЕЛА НОВА СИРИЈА
 
ЌЕ СТАНЕ ЛИ ВЕНЕЦУЕЛА НОВА СИРИЈА
18.05.2017, 15:50:00
 
 
 

Соединетите Американски Држави денес за првпат свикаа консултации на Советот за безбедност на Обединетите нации поради растечката криза во Венецуела. Како што објасни американската амбасадорка Ники Хејли, администрацијата на Доналд Трамп сака да спречи нова граѓанска војна како таа во Сирија.


 

.

Амбасадорот на Венецуела во ОН Рафаел Рамирез категорично ја отфрли иницијативата на САД, обвинувајќи ги дека повторно сакаат „да се мешаат во внатрешните работи на друга држава“, пренесува Вашингтон пост.

Меѓутоа, Хејли истакна дека намерата на нејзината земја не е да биде „наметлива“ или „со тешка рака“, туку да ги поддржи регионалните напори за наоѓање политичко решение и „да се покаже почит за народот на Венецуела“ кој сака слободни и чесни избори, ослободување на политичките затвореници и одговор на сѐ полошата хуманитарна криза.

„Ние сметаме дека, ако тоа не се случи, сигурно ќе слушаме за ова во Советот за безбедност бидејќи ќе стане реален проблем – не само во регионот, туку и интернационално“, предупреди Хејли, обраќајќи им се на новинарите по средбата зад затворени врати. Целта на консултациите не беше воена акција на Советот за безбедност, туку мерки за спречување конфликт, кажа таа.

„Видовме 150 политички затвореници, над 1.500 апсења и очигледно е дека почнуваме да сведочиме на сериозна нестабилност во Венецуела. Веќе бевме на овој пат со Сирија, Северна Кореја, Јужен Суден, Бурунди, Бурма (сегашен Мјанмар)“, истакна американската амбасадорка во ОН.

Рамирез, пак, ги обвини САД дека се обидуваат да спроведат „интервенција во друга земја“, за што неговата влада тврди дека имало неколку обиди. Неговиот претседател Николас Мадуро инсистира дека нема да дозволи мешање во внатрешните прашања.

Последните политички немири во нестабилната јужноамериканска земја, кои траат повеќе од два месеци, се поттикнати од обидот на социјалистичкиот претседател Мадуро, наследникот на починатиот Хуго Чавес, да го укине парламентот кој е под контрола на опозицијата. Но, освен против политичкиот отпор на сѐ поавторитарната власт, масовните демонстрации станаа израз на огорченоста на народот поради троцифрената инфлација, недостигот од храна и лекови и порастот на криминалот.

Протестите ескалираа со крвопролевање во кое животот го загубија најмалку 38 лица, за што опозицијата го обвинува претераното користење сила од страна на полицијата, но и на паравоените провладини банди, таканаречени „колективос“. Мадуро за насилството ги обвинува криминалните банди и наводни десничарски екстремисти.

На страната на Венецуела застана и Боливија, нејзина политичка сојузничка, чиј амбасадор Саша Лоренти Солиз ја критикуваше денешната средба како попречување на напорите за стабилизација и политичко решавање на судирите. „Ова воопшто не помага бидејќи САД не се вистински посредник“, изјави Солиз.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News