MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Interview » АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА MACTEL NEWS
 
АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА MACTEL NEWS
04.05.2017, 09:54:33
 
 
 

РАБОТИ ГО ТОА ШТО ГО САКАШ И НИТУ ЕДЕН ДЕН НЕМА ДА РАБОТИШ - АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА

Мајка, сопруга, професионалец во она што го работи, Андријана Јаневска е жена и дама која е вистински пример за посветеност, ќе го започнеме разговорот со прашањето што се смени кај тебе кога за прв пат стана мајка, улога која сигурна сум дека ти е најдрага во животот?

.

- Се променија приоритетите. Најважно ми стана детето, па потоа се‘ друго. Мислам дека тоа е сосема нормално за секоја мајка. Денес, кога децата потпораснаа, правам баланс помеѓу семејството и работата, затоа што децата сакаат среќна мајка, а музиката и работата ме прават среќна.

Можеби клише но морам да те прашам се наоѓа ли време за се, колку Андријана има време за семејството и им фалиш ли често?

- Времето поминато со семејството ми е најдрагоцено, и секој ден со децата задолжително поминувам по 5-6 часа. Цртаме, одиме на лулашки, шетаме, играме на компјутер, играме во двор итн. Навечер читаме приказни и веќе во 21 часот се во кревет. Се разбира, сите заедно ручаме, а навечер откако децата ќе заспијат, со сопругот уживаме во нашиот двор и имаме време само за нас.

Од една страна семејството од друга работата и кариерата и сето тоа пропратено со многу стрес секојдневно, како Андријана се справува со сето тоа и како излегуваш на крај со стресот , има ли некоја посебна метода?

- Иако активно паралелно работам 5 работи прва виолина во Македонската Опера и Балет, предавам на Факултетот за музичка уметност, снимам и продуцирам песни за други музичари во моето музичко студио „Гиновски“, држам приватни часови, и секако, активно пеам на македонската естрада, сепак, не живеам стресно затоа што ја сакам мојата работа и мојот живот. Работи го она што го сакаш, и нема да работиш ниту еден ден. Исто така, многу е важно секој човек да има оддишка и затоа, после секоја претстава во опера со колегите одиме некаде на пијачка и се дружиме.

Да бидам искрена според тоа како секогаш изгледаш ми се чини дека сепак успеваш да го победиш стресот и проблемите, едноставно прекрасна во секое издание...се се должи на гените и метаболизмот или по малку и се наоѓа време за грижа за сопствениот изглед?

- Се разбира, генетскиот фактор игра огромна улога, но најмногу од се‘ влијае расположението на човекот. Залудно е и најздраво да се храните ако постојано сте нервозни и под стрес. Не посветувам посебно внимание на изгледот, во смисла одење на некакви третмани и слично. Повеќе сакам природа, па возам велосипед, пливам, планинарам.

Кога сме веќе кај убавината , што според тебе ја прави убава една жена?

- Убавата жена е среќна жена. Тоа е тој магичен круг. Жената која е несреќна, не може да биде убава. Затоа е важно да сфатиме дека има голема вистина во онаа изрека дека убавината доаѓа одвнатре. Среќните жени едноставно зрачат и пленат. Затоа, наместо да бројам калории, гледам повеќе да се дружам, да го правам она што го сакам и да уживам во животот. А потоа, се‘ е полесно.

Ајде сега малку и за кариерата...што е она на што во моментов работи Андријана Јаневска?

- Моментално ги довршувам моите композиции за мецо-сопран, пијано, виолина и гитара со кои ќе настапиме во културниот центар во Њујорк во август. Секако, наскоро почнуваат Мајските оперски вечери, па како и секоја година, овој период сум преокупирана со тоа. Исто така, ги подготвувам студентите за завршните испити. Што се однесува до мојата кариера, се подготвувам за големиот солистички концерт на кој ќе го промовирам новиот албум, а кој ќе се одржи кон крајот на 2017.

Кај нас и повеќе од докажана со бројни хитови зад себе, што е со пазарот надвор од земјава, со оглед на тоа што важиш за пејач кој убавото го става пред комерцијалното, можеме ли да очекуваме албум на некој од јазиците на соседите?

- Не сум имала такви амбиции. Изминатиов период сум ангажирана во странство и соработувам со многу музичари од Америка, Грција, Полска, Англија, Австралија. Секојдневно снимам во моето студио затоа што постојано ме ангажираат за одредени проекти.

Сметаш ли дека Македонија знае доволно да ги цени и мотивира своите таленти кога станува збор за музиката и пеењето?

- Јас верувам во природна селекција. Оној кој убаво пее нема шанси да остане незабележан, и обратно, оној кој сосила се наметнува, публиката нема да го прифати по секоја цена. Верувам дека има место за сите.

И за крај не можам а да не те прашам можеме ли да ја очекуваме Андријана Јаневска во Австралија во најскоро време и што би им порачале на читателите на mactel.com.au?

- Со огромно задоволство. Во Австралија сум била двапати и имам само убави спомени! Расположена сум да пеам и свирам, па останува само да ме поканите.

Ти благодарам за одвоеното време и ти посакувам многу среќа и успех и во животот и во кариерата...се надевам дека се гледаме наскоро во Австралија.

 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News