MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Top Stories » ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО РАЦЕТЕ НА УСТАВНИТЕ СУДИИ
 
ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО РАЦЕТЕ НА УСТАВНИТЕ СУДИИ
21.04.2017, 13:04:00
 
 
 

Две иницијативи поврзани со локалните избори се доставени до Уставниот суд. Заедничко за двете иницијативи е што се бара начин општините да не останат блокирани по 14 мај кога на актуелните градоначалници им завршува мандатот. Едната иницијатива е поднесена од страна Министерството за локална самоуправа, а другата од првиот човек на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.

 

.

Министерството за локална самоуправа бара да се преиспита уставноста на спорните членови 35 и 49 од Законот за локална самоуправа кои се однесуваат на мандатите на градоначалниците и советите. Таму стои дека тие се со мандат од четири години, но не е прецизирано што би се случило доколку не бидат распишани нови избори, како што е случај сега.

Петров во својата иницијатива, покрај оценување на уставноста на споменатите два члена, бара и поништување на членот 16 од Изборниот законик. Во него е наведен термин на средината на мај за одржување на локалните избори. Нема рок до кога Уставниот суд треба да одговори на иницијативите, а со тоа уште повеќе се усложнува постапката за распишување на локалните избори.


Сите рокови за тоа се пробиени, а згора на тоа Собранието не може да избере претседател кој единствено според Уставот може да ги распише локалните избори. Нејасно е и дали во ваква состојба без спикер пратениците би можеле да ги направат неопходните измени на членовите од законите кои се директно поврзани со локалните избори.


Градоначалниците апелираат што поскоро да се најде решение за актуелната политичка состојба бидејќи може да биде доведено во прашање нормалното функционирање на општините и секојдневните потреби на граѓаните.

Македонија веќе има искуство со одложување на локалните избори. Тоа се случи во 2013 година кога тие беа одложени на неколку месеци поради бојкотот на СДСМ, пренесува Телеграф.мк.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News