MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Interview » СЕМЕЈСТВОТО ВО ПРВ ПЛАН А ПОТОА ГЛУМЕЊЕТО
 
СЕМЕЈСТВОТО ВО ПРВ ПЛАН А ПОТОА ГЛУМЕЊЕТО
19.04.2017, 08:55:00
 
 
 

Во најновата престава „Неочекувана забава“ настапува Татјана Нешковска која на сцена за прв пат настапи минатата година во комедијата „Баба се мажи“. Татјана го привлече вниманието на гледачите со карактерот на Лидија и за истата улога минатата година ја доби наградата Александар Македонски за глума за најдобар дебитант. За да ја запознаеме публиката малку повеќе со Татјана, поведовме разговор.

.

. Повеќе години сте водител на Радио програмата „ Тавче Гравче“ во Волонгонг. Како се вроди љубовта во радиото?

Уште како мало дете имав желба да бидам на радио, но посебно сакав да бидам ТВ водителка, и често ги имитирав тв водителките од телевизијата. Исто така многу бев заљубена во македонските традиционални песни и фолклор. Кога дојдов во Австралија и кога ми се даде можност да земам учество во програмата „Тавче Гравче“ мислам дека ми се исполни тој сон да се дружам со македонската песна и оро, и преку етерот да се дружам со врвни уметници кои доаѓаат како гости на програмата како и да се дружам во заедницата за време концертите. Ми прави големо задоволство кога слушателите ќе ми се јават и го искажат задоволството што ме слушаат, а програмата се слуша не само во Австралија туку се слуша во Македонија и Европа. Со нетрпение очекувам да дојде недела и да се дружам со слушателите и ми прави задоволство што го негуваме македонскиот јазик и култура. Радиото е дел од мојот живот.

. Како се вроди љубовта во Театарот? Каков беше вашиот почеток?

Кога ја видов драмата „Куферот“ во изведба на АМТС бев воодушевена од професионализмот и темата што се обработуваше. Ми се врати од детството таа вродена желба да бидам на сцена и да играм различни карактери. Им пријдов на актерите и на авторот Душан Ристевски, со кои направив интервју за радио програмата и се понудив да глумам. Сите беа позитивни и ме прифатија. Ми понудија да земам учество во „Баба се мажи“, но како тие што не веруваа во мене така и јас самата не си верував дека така успешно ќе ја одиграм улогата, онака како авторот Душан и режисерот Васко го бараа тоа од мене. Значи со тоа и започна мојата „глумачка кариера“ ако можам така да ја наречам. Мојот сон се оствари, настапив на сцена прв пат и тоа ми врежа љубов сцената да ја сакам уште повеќе.

. Како што рековте прв пат на сцена настапивте минатата година и ја добивте наградата Александар Македонски за улогата на Лидија, како се чувствувавте по добивањето на ова престижна награда?

Се чувствувам прекрасно и никогаш не верував дека ќе бидам наградена, а конкуренцијата беше голема. Мислам дека се дадов од себе не со глумењето туку и со изгледот и костимографијата, сакав целосно да го „освојам“ ликот на Лидија, а и тој да ме освои мене. Жири комисијата сигурно го виде тоа. Но што е најважно уживав да го играм тој лик и уживав да бидам на сцена и да се дружам со целиот тим на оваа драма.

. Во „Неочекувана забава“ ја играте улогота на Зуклинда. Како ја сфаќате оваа улога и во што се состои?

Во оваа драма режисерот Стефо Нанцу ми ја довери улогата на Зуклинда, заболекарка. Многу е кратка но е доста интересна и верувам дека ќе им се допадне на гледачите, поготово што се крие тајност и неочекувана разврска на настаните кои сите нас не прават убаво да размислуваме за нашите секојдневни постапки. Значи ќе бидам заболекарка.

. Кои се вашите планови во блиска иднина?

Моите најважни планови во животот ми се да си ги одгледам, воспитувам и да им го покажам правиот пат на моите синови Тајсон и Томас. Моите сонови и желби се споредни но секако слободното време сакам да продолжам да го посветувам на радио програмата „Тавче Гравче“ и да продолжам да глумам за АМТС, во зависност какви улоги ќе ми понудат. Се надевам дека ќе имам доволно елан и ќе бидам во можност и понатаму да глумам, да ги негувам македонската изворна песна, јазик и култура.

Душан Ристевски

 
 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News