MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Top Stories » ХАН И ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ УТРЕ ВО СКОПЈЕ
 
ХАН И ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ УТРЕ ВО СКОПЈЕ
20.03.2017, 16:00:00
 
 
 

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, заедно со тројката евроратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Фелекенштајн утре на пладне доаѓаат во Македонија во уште еден обид за постигнување договор за излез од политичката криза, пренесува Мкд.мк.


 

.

Според неофицијалните најави, Хан и тројцата европратеници ќе имаат средби со политичките партии кои имаат пратеници во Парламентот, со претседавачот на конститутивната собраниска седница Трајко Вељаноски, како и со претседателот Ѓорге Иванов.

Политичките партии очекуваат посетата на комесарот за проширување Јоханес Хан и на европските пратеници да помогне за деблокирање на политичката криза. И додека партиите чии пратеници ги дадоа потписите за формирање парламентар но мнозинство за добивање мандат за формирање влада се надеваат дека европските дипломати, предводени од Хан ќе извршат притисок врз Иванов да ја смени одлуката за мандатот, ВМРО-ДПМНЕ бара осуда на платформата од албанските партии и почитување на принципот „победник со победник“ за формирање влада.

Неколку дена пред посетата на Скопје, комесарот за проширување Јоханес Хан испрати порака за мирно и демократско предавање на власта во земјата, бидејќи, како што рече, токму од ова зависи европската перспектива на земјата и спроведувањето на реформите.

Пред доаѓањето во Скопје, пак, Хан за виенскиот весник „Курир“ оценил дека

ситуацијата во земјите од Западен Балкан и натаму е кревка и трајно решение е можно само во меѓународните рамки, односно внатре во ЕУ. ­

„Ние не се фокусираме на датумите за членство. Зборуваме за пристапниот процес, а со која брзина напредуваат земјите зависи само од нив“, изјавил Хан.

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која што ги организира секојдневните протести за утре повика на голем собир.

„Јасно, гласно и недвосмислено сите заедно, граѓаните на Македонија пред комесарот на ЕУ, Јоханес Хан, да кажеме НЕ за влада која ќе работи според тиранската платформа, НЕ за рушење на унитарноста на државата. Сите заедно да ги претставиме нашите црвено- жолти линии, кога ако не сега“, се вели во повикот.

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News