MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Interview » ИНТЕРВЈУ СО ЈАВОРКА КОТЕВСКА: УЖИВАМ ДА БИДАМ НА СЦЕНА
 
ИНТЕРВЈУ СО ЈАВОРКА КОТЕВСКА: УЖИВАМ ДА БИДАМ НА СЦЕНА
17.10.2016, 15:25:15
 
 
 

Деновиве поведовме разговор со Јаворка Котевска која во комедијата „Баба се мажи“ ја игра главната улога на Јана. Инаку Јаворка веќе неколку години глуми во Австралиско македонскиот театар и има одиграно повеќе улоги но за последната престава и се доверува главната улога. 

.

Што значи за вас Јана која ја толкувате во „Баба се мажи“?

Бабата Јана е од постарата генерација на Македонки која подолго време живее во Австралија. Тaа примила доста позитивни и негативни навики од овдешната култура, не седи дома да размислува за староста што носи со себе туку ужива во животот што и се нуди од Австралија: излегува по клубови, знае да се поднапие и да социјализира на фејсбук, а што е најважно знае да сонува за младоста за еден животен момент кој досега не го изживеела. И кажете, што има злосторство во тоа што се сака и сонува?

Јана е предизвик за мене и верувам дека долго време луѓето ќе се сеќаваат на овој лик што го толкувам, бидејќи сите во себе имаме и носиме по една Јана. Уживам во толкувањето на овој лик кој е полн со хумор и живост, полн со желба за живот за кој можеби сите сонуваме но се плашиме да го посакаме и најдеме.

Во која престава дебитиравте, какви беа вашите почетоци?

Јас потекнувам од музичка фамилија и во нашата куќа само се пееше и свиреше. Мојот дедо Митре и татко ми Александар свиреа на гајда. Мојата мајка Уранија многу убаво пееше. Секогаш во нашата куќа беше весело и постојано имавме музичари во нашиот дом. Мојот брат Драган Котевски е еден од најдобрите армоникаши во Австралија. Јас долги години, до формирањето на моето семејство, тропав на џез и секаде го придружував. За мене сцената не преставуваше проблем, сакав и уживав да бидам на сцена, да се дружам и социјализирам, и еднаш кога ми беше понудено да глумам во музичката комедија „Срати и весели“ одма прифатив, знаев дека во тоа ќе уживам.

Кои улоги досега сте ги играле и во кои драми?

Во „Стари и весели“ играв две различни улоги на Трајанка и Софија. Секако тука ја употребив и мојата музичка вештина – пеев и тропав на тарабука. Во „Раскол“ ја имав улогата на Цвета, интересна и полна со енергија баба. Во „Борење со мечка“ исто така глумев баба - Велика, но тука ова беше клучен лик кој го даде главниот расплет на самото дејствие. Во „Доктор Жими Мајка„ го играв ликот на сенилната баба Петкана која беше многу сакана од публиката. За оваа улога ја добив наградата Александар Македонски за најдобра женска улога за 2015 година.

Од досега играните улоги, која најповеќе ви даде предизвик и задоволоство?

Мислам дека ликот на Петкана ми даде голем предизвик и увидов дека можам да бидам добар раскажувач на приказни, а луѓето да слушаат она што сакам да го кажам. Тој лик исто така ме соочи со вистината на староста што може да носи со себе. И секако сега главниот јунак – Јана, ми дава не само предизвик туку и големо задоволство бидејќи Јана е полна со итроштина која „нема влакно на јазикот“ и се надевам дека публиката ќе биде задоволна од она што ќе го слушне и види.

Кои се вашите сонови после Јана и „Баба се мажи“?

Минатата година имав мала улога во краткометражниот филм „Дедо“ на Тони Радевски па се надевам дека пак ќе ми биде дадена можност да глумам во некој фил. Би сакала еден ден да глумам заедно со Стефо Нанцу кој мошне го ценам. Секако сакам и понатаму да глумам во други престави што се планираат во Македонскиот театар. Глумењето стана мој хоби и уживам тоа да го правам.

Душан Ристевски

 
 
 
 
      
 
 
 
Related News