MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page » Top Stories » ЈИЛДИРИМ: ТУРЦИЈА ЈА ПОДДРЖУВА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО
 
ЈИЛДИРИМ: ТУРЦИЈА ЈА ПОДДРЖУВА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО
12.02.2018, 13:40:00
 
 
 

Турција ја поддржува Македонија во остварувањето на стратешките цели за членство во НАТО. Ова денеска на премиерот Зоран Заев му го соопшти неговиот турски колега Бинали Јилдирим.

Заев се сретна со премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, во рамки на официјална посета на Република Турција, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

.

На почетокот на средбата премиерот Заев изрази сочувство за жртвите во борбата против тероризмот со цел заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на земјата.

Има согласност од двете страни дека борбата против тероризмот е важно прашање за заштита на светскиот мир.

Двајцата премиери, Заев и Јилдирим на тет-а-тет средбата и потоа на ниво на делегации изразија определеност да придонесат кон создавање услови за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за зголемување на трговската размена.

Договорено е активирање на Мешовитиот комитет меѓу двете држави кој што ефикасно ќе ги решава сите потреби за подобра соработка на секое ниво. Премиерот Заев соопшти дека од страна на Република Македонија, комитетот ќе го води министерот без ресор, Аднан Ќахил.

„За нашата држава важни се сите инвестиции, а Турција е 6-та во Македонија по бројност на инвестиции. Подготвени сме да создадеме услови за уште повеќе инвестиции бидејќи има заинтересирани инвеститори“, рече премиерот Заев.

Се разговараше за можноста за олеснувања посебно во земјоделството.

„Ние очекуваме напредок во ЕУ и НАТО интеграциите оваа година, а тоа очекуваме да влијае на зголемување на инвестициите, а со тоа подобар квалитет на живот на граѓаните“, рече премиерот Заев.


На средбата на двете делегации, премиерот Заев побара да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО, а премиерот Јилдирим порача дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во оваа стратешка цел.

Продолжуваат средбите на премиерот Заев, за време на посетата на Анкара на највисоко државно ниво.

Инаку, според пренесувањата на турски медиуми, само еден ден пред посетата на Заев на Трција, турскиот претседател Ердоган лично рече дека Турција е на страна на Македонија, а не на страна на Грција, бидејќи Грција не е во право.

Турција секогаш ќе биде на страната на Македонија затоа што Грција не е во право. Македонија секогаш ќе остане Македонија, изјави Ердоган на дебата, пренесувана од Турската радио-телевизија.

На конференцијата организирана во клубот на иселениците од балканските простори, Ердоган порачал дека Турците и Македонците се браќа и дека Турција секогаш ќе стои зад Македонците.

– Тоа што сме го заборавиле во 1912 година сега можеме да го поправиме – рекол Ердоган според кого Грција ја блокира Македонија да влезе во НАТО поради името, но Турција секогаш ќе биде до Македонија и нема да дозволи да се менува името.

– За нас, Анкара и Скопје немаат никаква разлика и никогаш нема да ги оставиме нашите браќа сами, секогаш ќе сме со нив, и секогаш ќе им помагаме и стоиме зад нив – порачал Ероган.

 

 
 
 
 
 
      
 
 
 
Related News