MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page »
 
Божик - Раѓањето Христово
 
 

Радост, Љубов и Мир

Најголемиот христијански празник - Раѓањето Христово - 7ми Јануари на најсвечен начин се празнува во сите Епархии на македонската православна црква.Во спомен на раѓањето Христово, уште од апостолските времиња, воспоставен е големиот празник - Божик, кој по зборовите на најголемиот византиски авторитет, Јован Златоуст, претставува извор насите христијански празници. По библиското учење првородниот грев ги оддалечи луѓето од Господ. Но, тој не ги остави Адам и Ева во нивниот очај, ниту другите старозаветни праведници, туку им даде надеж‘ дека во свое време ќе го прати Спасителот. Поради неизмерната љубов кон луѓето, Синот Божји Господ Исус Христос се симнал на земјата и се вплотил, примил на себе човечко тело, за спас на човечкиот род од исконскиот грев, проклетството и вечната смрт, како би ја обновил и соединил со Господ човечката природа повредена од првородниот грев.

Православната црква нас не учи дека Пресвета Дева Марија зачнала не на природен начин, туку натприродно, со силата на Светиот дух. Од тука, Исус Христос има две природи, божествена и човечка, Поради што е и Бог и Човек или како што Црквата вели - Богочовек. Тајната на отелотворувањето на Бог во Човек не е можно со разум да се свати. Раѓањето Христово е опишано во Евангелијата, особено во Евангелијата на Матеја и Лука.

Во време кога во Јудеја владееше царот Ирод, штитеник на римскиот император Август, побожниот Евреин Јосиф ја испросил Марија, и пред да се состанат открил дека е трудна. Неговите сомневања ги растерал ангелот Божји, кој во сонот му навестил да ја земе Марија за жена "зошто она што во нејзе се зачнало е од Светиот Дух”, а синот што ќе го роди Марија да го нарече Исус (значењто на името е спасител или избавител). Беше тоа време кога римскиот император Август заповедал да се изврши попис на населението ( Лука 2,1). Бидејќи Јосиф и Марија потекнувале од Лозата на царот Давид, кој е родум од Витлеем, тие тргнале од Назарет каде живееле, во Витлеем. И како не нашле место во конакот, преноќиле во една штала крај градот. И тука Богородица го родила Исус, го повила во пелени и го положила во јасли. Сето тоа се случило во длабока тишина при голема светлост и со појава на огромната сјајна звезда чија необичност била во тоа што се движела од исток кон југ. На вознемирените овчари кои чувале стража кај своите стада им се појавил ангелот Божји и им рекол: “ Не плашете се! Еве, ви соопштувам голема радост која ќе биде за сите луѓе. Зашто денес Ви се роди во градот Давидов Спасител, кој е Христос Господ” ( Лука 2, 6-11). На тројца мудреци од исток сјајната звезда им беше знак дека се родил угледен човек, најверојатно цар, поради што тргнале на пат да му се поклонат.

Беше тоа во 5508 година од создавањето на светот или 753 година од основањето на Рим. Од денот на раѓањето Христово започнува христијанската вера, од кога, христијанските народи , па и останатиот свет почнуваат да ги бројат годините.

Појавата на Исус Христос ќе ја измени религиската и цивилизациска слика на светот, а празнувањето на денот на неговот раѓање кое се поклопува со култот на Митра (богот на Сонцето) и со празнувањето на паганските Сатурналии, црквата ќе ги замени со христијанскиот празник Божик уште во четвртиот век.

Обичаи на Божик кај православните Македонци

Пред славјето на празникот над празниците, како што се нарекува Божик, во православниот свет се исполнуваат повеќе обичаи. Божиќните обичаи почнуваат со Божиќните пости, кои траат по 40 денови, колку и Велигденските пости, чие што, пак, постење претставува чин на подготвување и воведување на верниците во славје со голема радост. Во рамките на Божиќните пости, верниците особено во понеделник, среда и петок, строго се однесуваат кон обичајот, така што во тие денови јадат само по еднаш на ден и избегнуваат тешки јадења. Овој пост својот максимум го постигнува на самиот Бадник, односно ден пред Божик, кога трпезате е поставена со посни јадења, задолжително со ореви и друго овошје.

 
Што е Бадник?

Во обичаите на нашиот народ, Бадник е дабово дрво, кое е внимателно пресечно и украсено со разни резбарени црковни орнаменти. Овој чин се прави еден ден порано, а вака украсеното дрво во домот се внесува на самиот ден Бадник. Тоа обично го прави “главата на семејството”, домаќинот, кој при внесувањето на бадникот го благословува целото семејство со зборовите “Среќен Бадник”. Потоа членовите на семејството , со посебен ритуал, дрвото го изнесуваат пред влезот на живеалиштето и го посипуваат со жито (пченица, пченка) а потоа со грав и друго, за да биде годината родна. Дрвото треба седум дена да гори во огништето, бидејќи го симболизира дрвото што Праведниот Јосиф го ставил во огнот кога Исус се родил.

Според Христијанското учење, сламата што се внесува на бадник во куќите и се расфрла по собите ја симболизира пештерата Витлеемска , каде што се родил Исус Христос. А оревите, бонбоните и разните други слатки работи, што се ставаат низ сламата, само потсетуваат на работите што најмногу сакаат да ги јадат децата. Иако Бадник е посен ден, тогаш се пече Божикното јагне или прасе - жртвеникот принесен на Бога. Незаборавно радосна и свечена е Бадник вечерата, кога трпезата е полна со разни производи. Според македонските обичаи, Бадничката трпеза е незамислива без Бадничкото кравајче со паричката. Се верува дека се вселила среќата за таа година. Нашите луѓе веруваат дека кравајчето или Божикниот леб, ја симболозира Божјата благодет што Исус Христос и ја оставил на Црквата заради спасение на верниците. Со текот на времето низ некои краишта низ Македонија, овој обичај се проширил, па луѓето во кравајчето покрај паричка ставаат и по едно зрно пченица, пченка, грав, со посебно определено значење и благослов за бериќет и многу здравје. Целта е и другите членови на семејството да бидат среќни, а не само еден член.

На Бадник луѓето - Коледари одат од куќа до куќа, при што се пеат разни песни, претежно духовни, во кои се слави името Божјо: во рацете држат Бадник дрво со кое тропаат по вратите и го најавуваат своето доаѓање, а домаќините ги даруваат со разни подароци.

Следниот ден ечат камбаните на сите цркви. Се шири радосната вест : Христос се роди! На тој голем празник луѓето најпрвин одат во црква, се причестуваат , а потоа се подготвуваат за свечениот Божиќен ручек на кој се сервира печеното месо, вино како и други работи.

Божик се смета за интимен, семеен празник. Пред започнувањето на свечениот ручек членовите на семејството ја говорат Божикната молитва пред домашната икона, која на крајот ја завршуваат со зборовите: Христос се роди? Вистина се роди!