MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page »
 
Главни јадења и додатоци
 
 

Кумановски мез'л’к

kumanovski mezalkПотребно е: 300 гр јагнешки кукурек (цревца); 300 гр . јагнешки желудници; 200 гр. јагнешки црн дроб; 200 гр. јагнешки бел дроб; 300 гр. јагнешко месо без коска; јагнешка марамица; 1 поголем кромид; 2 домата; 2-3 пиперки; 3-4 чешниња лук; 1 голема лажица црвен пипер; магдонос; брашно; ловоров лист(1-3); коцка за супа; сол и црн пипер; сончогледово масло за јадење.


Подготовка: Месото добро се мие. Ситно исечканиот кромид се пржи и му се додаваат исечканите пиперки и исечканите и излупени домати. Се посолува. Парчињата  јагнешко месо и дробовите се посолуваат, им се додава црн пипер, се препелкаат во брашно и се пржат.  Потоа, вака испржени се додаваат во тавата со зеленчукот, во која се додаваат и преостанатите состојки. Во друго тенџере се зоврива вода во која се додава коцката за супа. Со оваа супа, внимателно  се прелива  месото. Добро се меша манџата и се остава на  тивок оган покриена со капак да „крчка“. Кукурекот и јагнешките желудници се сечкаат на парчиња, им се става сол и црн пипер, се препелкаат во брашно и пржат, а потоа се додаваат во веќе сварената манџа. Манџата добро се меша и се префрла во земјена тава или во помали земјени садови, се покрива со јагнешка марамица, се затвора со капак и се пече во фурна на 250 степени околу 20 минути. Се служи со топол леб и со бело сирење.

 

Тавче гравче на тетовски начин

Потребно е: 1 кг тетовски грав; 500 грама кромид; 1 страк праз; 2-3 чешниња лук; 100 мл масло или маст; 2 лажици брашно; 1 лажица мелен  црвен пипер; половина лажица лут црвен пипер; 1 ловоров лист; 1 лажица ситно исечкан магдонос; 1 свеж домат; 2-3 свежи пиперки;  сол; бибер


Подготовка: Гравот се мие и се остава во вода, да отстои една ноќ. Се вари, но мора да се внимава зрната грав да остант цели. Се цеди водата, но сепак, се остава малку вода во гравот. Во подлабоко тенџере  се пржи ситно исечканиот  кромид и праз. Во омекнатиот кромид се додава ловоров  лист, црвен пипер, брашно, сол, црн пипер и сѐ добро се меша. На крај се додава исечкан лук. Се додава сол. Вака подготвениот грав се истура во земјена тава. Се посипува со магдонос, а одозгора му се редат домати исечени на кругчиња или везени суви пиперки. Се пече на 180 степени Ц во фурна, околу 40-45 минути.Се служи со леб и вкусна македонска салата.

 

 

Ќае - тетовски бухтли

Потребно е: 1 кг. брашно; 375 мл топла вода; 20гр квасец; 1 мала лажика сол; 1лажичка  шеќер; 3 лажици масло; масло за потопување на бухтлиите; Фил: 100-150 грама дробено сирење; 3-4 јајца; 1/2 чаша јогурт


Подготовка: Во топлата вода се ставаат квасецот, шеќерот и малку брашно. Се остава да стаса. Потоа, постепено се додава маслото, солта и брашното. Се додава дел по дел од брашното, бидејќи во  количината може да има минимални отстапки. Се замесува тесто кое не се лепи. Се покрива со проѕирна фолија и  се остава да стаса  20 минути. Потоа тестото се дели на топки. Секое топче се потопува во маслото и се реди во тава за печење. Се оставаат повторно да стасаат, но само 10 минути. За тоа време во еден сад се матат јајцата, јогуртот, сирењето. Оваа смеса се истура врз бухтлите. Прелиени со  филот стасуваат уште 10 минути.Потоа се печат на 200 степени Ц, околу 35 минути. Се служат топли.

 

Прилепски ширден

Потребно е: 3 бабулиња од јагне; 400 гр. јунешко месо;  400 гр. свинско месо;  150 гр. сланина; 1 главица кромид; 100 гр. ориз; 3 суви везени пиперки; 3 чешниња лук;  половина лажица црвен пипер; 1 лажица зачин Ц; 100 мл. пиво;  масло за јадење;  сол и црн пипер

Подготовка: (Подготовката на ова јадење трае 2 часа.) 

Ситно се сечка кромидот и се пржи. На ситни коцки се сечка свинското, јунешкото месо и сланината и сѐ се додава во кромидот. Сѐ заедно се пржи на тивок оган. Во смесата се додава исечканиот лук и исечканите суви пиперки, кои претходно се ставени да покиснат во млака вода. Се додава ориз, сол и црн пипер, како и „Зачин Ц“. Се полева со половина количина од пивото. 
Со вака приготвената смеса се полнат ширдените (бабулињата). Бабулето  се затвара со чепкалка. Наполнетите бабулиња се ставаат во огноотпорна тава. Потоа со чепкалка ги боцкаме бабулињата за да не испукаат за време на печењето. Врз нив полеваме вода и го додаваме остатокот од пивото. Садот се покрива со капак и се пече на 180 степени, околу 90 минути. Се служи топло, а може да се прелее со сопствениот сос.

 

Прилепски  зелник 

Потребно е: 1 кг брашно; сол; 400 мл сончогледово масло; сода вода или кисела вода по потреба; 250 гр. нишесте. За филот: две зелени пиперки; коприви; 250 гр. сирење или урда; две јајца.

Подготовка: Се замесува тесто од брашното со 200 мл. масло, сол и со сода вода. Се дели на неколку топчиња во зависност од тепсијата за печење. Секое топче се расукува, се премачкува со масло и се посипува со многу нишесте. Потоа се засекува кон средината, како сонце, од сите страни. Парчињата се преклопуваат едно врз друго и се оставаат во чинија, покриени со најлон, да отстојат во фрижидерот 3-4 часа. Излегуваат 4 топки тесто, доволно за два зелника. (Може да се направат и порано, да се замрзнат и да се употребуваат друг ден).
Се пржат пиперките. Во нив се додаваат копривите, кои претходно се исечкани и попарени со врела вода. Се додава урдата или сирењето и јајцата, се става црн пипер и сол и со оваа смеса се филува зелникот. Се зема една топка од тестото, се расукува поголема од тепсијата, се става во тепсијата малку набрана, се филува. Од друга топка тесто, се прави кора и по истата постапка се става одозгора, врз филот. На краевите се прави витка. Зелникот се пече во претходно загреана фурна, на 180 степени. Се служи со кисело млеко. Овој зелник е повкусен следниот ден.

 

Симит погача

Потребно е: За лепчињата: 500 гр брашно; 300 мл млака вода; 3-4 лажици оризово млеко во прав; 100 мл масло; 1 лажичка сол; 2 лажички шеќер; 1 сув квасец (10 гр); За мрсната пита: 800 гр. брашно; 400 мл вода; 2 лажички сол

Подготовка: Оризовото млеко  се  раствора во млака вода. Се  замесува тесто од сите состојки се остава да стаса. Откако ќе стаса, тестото се размесува и од него се прават  8-10 кифли, кои се мачкаат со масло и се оставаат да стасаат околу 15-20 минути. За тоа време фурната се загрева   на 220 степени. Штом ќе стасаат се печат.  Кога ќе се извадат од фурна,  повторно се премачкуваат со масло.
Посебно, за мрсната пита, се замесува тесто и убаво се меси десетина минути. Тестото  се дели на 5 топчиња кои се расукуваат и премачкуваат со масло. Топчињата се оставаат да го упијат маслото 15 минути.
Потоа на чаршав се тегнат  корите, една по една, во кругче, внимателно, постепено за да не ни се скине кората. Кога е доволно голема се кинат дебелките теста наоколу и кората се  попрскува со масло. Се преклопува како плик (голем колку тавата за печење)  и се трга на страна. Во следната усукана кора ја ставаме претходната и тој процес се повторува четири пати. Значи,  секојпат новосоздадениот  плик се става во средина од новата растегната кора и на секоја кора и секое преклопување се попрскува  масло. Питата  се става во тепсијата за печење и се остава да отстои  15 минути. Од стоењето сама од себе формира меури. Питата се пече на 220 степени Целзиусови. Кифлите се сечат по должина и се полнат со тестото од питата. Тесто во тесто, ама навистана е вкусно и убаво.

 

Пастрмајлија 

Подготовка: 1 кг бело брашно;  800 гр свинска кртина; 5 јајца; еден квасец; сол; масло за јадење или маст; 500 грама сирење.
Месото  за оваа пастрамајлија е повкусно доколку одлежи најмалку 24 часа, исечкано на мали коцки и премачкано со масло за јадење, сол, црн пипер  и буковец.

Тесто:  Се остава квасецот со малку вода да стаса убаво. Потоа се додава целото брашно и една мала лажичка сол. На брашното му се додаваме претходно растопениот квасец и се замесува, постепено со додавање на околу 200мл. вода или повеќе, доколку е потребно, и околу 100 мл масло за јадење.  Откако ќе го измесиме тестото, се остава да стаса 30 минути.
Кога е стасано тестото се става на рамна подлога посипана со малку брашно и се меси со раце. Подлогата постојано се посипува со брашно се додека тестото не се лепи и додека не стане добро измесено и мазно. Кога е готово, тестото со нож се сече на топчиња, кои прво добро се размесуваат и се оставаат да постојат 10 минути, а потоа, секое од нив се развлекува долгнавесто, во вид на елипса. Краевите на пастрамајлијата се превиткуваат навнатре, значи задебелени се, за да може филот да не се разлева. Тестото се става во подмачкана тепсија со маст или масло.
Во вдлабнатината на пастрамајлиите се реди месото, а врз него се ставаат парчиња свинска маст (може да се стави путер или маргарин или сончогледово масло). Пастрмајлиите се оставаат да отстојат 5-6 минути, а потоа се печат во загреана фурна,  на температура од 200 степени Ц. При крајот на печењето, врз пастрамајлиите се става филот: Се матат 6 јајца со вилушка и во нив се додава издробеното сирење. Со оваа смеса се прелива месото и се става да се допече.  Со така изматените јајца, ги полеваме пастрмајлиите и ги враќаме да се допечат. Откако ќе се испече краевите од пастрмајлиите се прамачкуваат со маст. 

 

Охридски варени ѓевреци

Потребно е: 540 грама брашно; 280 мл. вода; 1 лажица сув квасец; 2 лажици маслиново масло; 1 лажичка шеќер; 2 лажички сол; 1/2 лажица сода бикарбона.

Подготовка: Сите состојки се мешаат, а потоа и убаво се размесуваат, се додека не се добие мазно, меко тесто, кое се остава 2-3 часа да стаса. Откако тестото убаво ќе стаса, се прават топчиња, по 80 грама. Со палецот се притиска во средината, се прави дупче и внимателно се растргнува тестото во вид на ѓевречиња. Од оваа доза излегуваат 10 ѓевречиња. 

Во меѓувреме се става два литра вода во големо тенџере да зоврие. Во водата се додава половина лажица сода бикарбона. Секое ѓеврече се вари  по една минута од двете страни. Потоа се цеди на кујнска хартија, и се поросува со ким, сусам и морска сол. Ѓевречињата треба да постојат 15 минути, а потоа се печат во добро загреана фурна на 220 степени околу 25 до 30 минути. Се служат топли, со јогурт и бело сирење.

 

Охридска Пастрмка

Потребно е: 1 кгр. охридска пастрмка; 400 грама ситно сечкан кромид, 200 грама ситно сечкан лук; 80 грама масло; 200 грама мелени ореви; сол

Подготовка: Рибата се чисти, се мие, пoтoа се суши во салфета од хартија. Се посолува и се пече на скара. Откако ќе се испече рибата, во посебна тава се става маслoтo, лукoт, кромидот и оревите и сетo заедно се пропржува. Рибата се сервира во голема, долгнавеста чинија, се прелива со филoт и се декорира со варено јајце, маслинки, лимoн, зелена салата, ротквици и сл.

 

Крушевско грне со сирење

Потребно е: 100 гр бело сирење; 100 гр урда; 100 гр овчо сирење; 150 гр кашкавал; малку рендан пармезан; 1 крушевски колбас; 2-3 лажици доматно пире или ајвар; 1 лажичка оригано и прстофат црн пипер.Бешамел сос: 2 лажици путер; 1 лажица брашно; 250 мл млеко

Подготовка: Прво се подготвува бешамел сосот. Се загрева маслото, се запржува брашното и се прелива со млеко. Цело време постојано се меша за да не се создадат грутчиња. Сосот е готов кога лефтерно ќе се згусне смесата.
Потоа во земјеното грне, кое е премачкано со масло или путер се редат:
Прво се става издробено бело сирење измешано со урда. Врз него се мачка од бешамел сосот, а потоа се поросува со црн пипер и оригано. Врз оваа смеса се става доматен сос или доматно пире. Потоа се редат тркалца од колбасот, а врз нив се ренда овчо, бело сирење, 1/3 од кашкавалот и пак се премачкува со бешамел сосот. 
На крај се ренда остатокот од кашкавалот и се поросува со рендан пармезан.
Се пече на 200 степени, додека да се зарумени горниот слој од кашкавалот.
Се служи во комбинација со фурнаринк

 

Кратовски мантии

Потребно е: За тесто: 700 гр брашно; 1,5 лажичка сол; 400 мл вода за фил; 40 гр путер; 2 главици кромид; 400 гр мелено телешко или јунешко; 1 лажица мешан сув зачин; ½ лажиче сол; ½ лажиче црн бибер за прелив; 200 мл павлака за готвење

Подготовка: Се замесува меко тесто од брашното, солта и водата. Се остава да стаса околу 30 минути. Во тава за пржење се става путерот да се истопи и во него се пржи ситно исечканиот кромид. Потоа се додава месото, вегета, сол и се пржи додека да испари водата што ја пуштило месото. Кога е готово се остава да се олади. Тестото се размесува со малку брашно.  Се дели на 8 топчиња, кои треба да се премачкаат со путер. Треба да се остават да отстојат околу 20 минути. Секое топче се расукува со сукало во мала кора и корите се редат една врз друга, премачкани со путер. Корите се расукуваат во голема кора. Оваа кора се сече на 15 ленти, а потоа лентите се сечат на квадрати. Во секој квадрат се става од филот, и се преклопува прво едната, потоа  другата страна, потоа трета и четвртата страна. Мантиите се редат во тепсија и се премачкуваат со растопен путер. Се печат со растопен путер на 230 степени околу 35 минути. Кога ќе поцрвенат се прелеваат со павлака или со кисело млеко и толчен лук и се  и враќаат уште 5 минути во фурна. Се служат  топли, со јогурт или кисело млеко. 

 

Велешко ѓозлеме

Потребно е: 700 грама брашно; 1 квасец; 1 лажичка шеќер; една лажичка сол; 2 лажици масло; 400 грама свинско месо (или сирење); 180 грама свинска маст; сол; вода

Подготовка: Месото се подготвува 24 часа порано. се сечи на коцки и добро се соли. 
Се раствора квасецот со вода и малку шеќер. Кога е готов му се додава сол, брашно, масло и вода. Се меси средно тесто и се дели на 10 топчиња. Се остава да стаса околу 15 минути.  Потоа секое топче се расукува колку што е голема тепсијата. Корите се редат во тепсијата. Секоја кора се премачкува со маст. На секоја трета кора и се става еден ред од месото. Значи: три кори месо, три кори месо, три кори, а со четвртата, последна кора се постапува различно. Оваа кора се сече на квадратчиња. Во секое квадратче се става по едно парченце месо и добро се завиткува. Овие топчња се редат одозгора. Целото ѓозлеме се премачкува убаво со преостаната маст. Се сече на парчиња и се пече на умерен оган. Се служи топло, со сирење и кисело млеко. (Наместо да се става меѓу корите месо, може да се стави дробено сирење, а месо да се нареди само одозгора врз ѓозлемето).

 

Велешка визитарска салата

Потребно е: 8 компири; 6-8 јајца; сирење; салама; мајонез и павлака

Подгототвка: Компирите и јајцата се варат посебно, се лупат и се оставаат да се оладат. Во чинијата каде ќе се сервира салатата прво се рендаат крупно 2-3 компири, врз нив се рендаат 2-3 варени јајца, потоа се ренда белото сирење и последно  се ренда еден ред салама. Сето тоа се премачкува со мајонез. Оваа постапка се повторува уште два пати додека се потрошат сите состојки. Одозгора  се премачкува со мајонез и со павлака. Салатата може да се украси со магдонос и моркови во форма на цвет.

 

Штипски кукурешки

Потребно е: 1 кг. бело месо од кокошка; сол; црн пипер; 1 јајце; брашно; сусам; сончогледово масло за пржење.

Подготовка: Се сече белото месо на ленти, 5-6 цм долги, се препелкаат прво во изматеното  јајце, потоа во брашно, во кое е додадена сол и црн пипер, а на крајот во сусам. Се пржат во врело масло. 

 

Сутлак пита

Потребно е: 4 јајца; 250 мл. чаша масло; 250 мл. јогурт; 500 гр. брашно; спанаќ; 1 лажица прашок за печиво; малку сол; 250 грама сирење.

Подготовка: Се матат јајцата и маслото, се додаваат останатите состојки. Пред да се додаде спанаќот, се посолува и се гмечи убаво со рацете. Му се цеди водата што ќе ја пушти. Така исцеден се додава во смесата, добро се меша со дрвена лажица, се става во подмачкана и набрашнета тепсија и се пече на 200 степени Ц. Се сече на долгнавести парчиња.

 

Печено месо „Боли глава“


Потребно е:

  • 4-5 кгр свинска плешка;
  • моркови;
  • кисели краставички;
  • сланина

Подготовка: Свинското месо се мие, му се вади кожата и со ножот се прават дупки во кои се пикаат наизменично морковите, киселите краставички и сланината, кои се исечени по должина, како стапчиња. Месото се премачкува со кисела павлака измешана со вегета и црвен пипер. Целото парче месо се обложува со сланина. Остатокот од зеленчукот се распоредува во тавата за печење. Месото се пече на 150/160 степени покриено околу 1 час, се открива и продолжува да се пече уште 4 часа. Кога е готово треба да се покрие и да се остави да постои околу еден час.

 

Специјален грав со суви пиперки
Потребно е:

  • 350 гр грав;
  • 6-8 суви пиперки;
  • сол; масло

Подготовка: Гравот се вари на тивко и му се дотура вода, но се внимава да не се превари. Посебно на тивко се варат 6 -8 црвени суви пиперки колку да омекнат и се сечат и толчат со сол, во дрвен аван. Кога се истолчени се мешаат со гравот. Убаво се загрева маслото и се попарува гравот. Откако ќе се измеша може да се додаде истолчен лук. Се досолува ако треба и се служи со топол леб.

 

Ролат со спанаќ
Потребно е:

  • За тестото: 1/2 кг. спанаќ; 1 лажица путер; 150 гр. брашно; 3 јајца; 400 мл млеко; сол
  • За филот: 100 гр. бело сирење; една кисела павлака и 200 гр. сечкана шунка.

Подготовка: Спанаќот се мие и се сече. Се запржува со путер. Се додаваат другите состојки и се заедно се меша. Се пече во голема, четвртаста тепсија. Кога е готово се префрла платнена, влажна крпа и се витка како ролат. Откако ќе се олади се филува.

 

Пиперки полнети сo изварка
Потребно е:

  • 250 гр солена изварка;
  • 6-8 црвени долги пиперки;
  • масло

Подготовка: 
Пиперките се мијат и им се сечат рачките и секоја се полни со изварка. Се редат во тава, се поливаат со маслиново масло и се печат во фурна. Наместо да се печат, може да се испржат.

 

Посна чорба со боранија
Потребно е:

  • 1 кг боранија( најдобро е жолта, ама може и зелена),
  • 2 главички кромид,
  • 1 домат;
  • една лажичка црвен пипер; малку сол и црн пипер и една лажица брашно.

Подготовка: Се запржува кромидот, потоа се додава исечкан на парчиња доматот и тој се запржува. Се додава боранијата, црвениот пипер, брашното и се заедно се полева со вода. Се остава да се вари околу половина час. На крај се додава сол и црн пипер. 

Чорба од телешка коска 

Потребно е:

  • Една телешка коска и едно парче телешко месо;
  • 2 моркова; 
  • 1 пашканат;
  • 2 топчиња цвекло;
  • фиде

Подготовка: Се мие месото и се става да се вари во солена вода. Кога е наполу варено се додава зеленчукот исечен на коцки (освен цвеклото , кое излупено се вари цело) Чорбата се вари на тивок оган, а пред крајот и се додава 2 лажици вегета и фиде по потреба. Кога е потполно сварена се вадат месото и цвеклото и се сечат на коцки. Супата добива убава црвена боја и многу е здрава и вкусна за јадење.
 

Облешевски ориз
Потребно е:

  • Бел арборио ориз,
  • една главичка кромид,
  • сол, црн пипер,
  • спанаќ;
  • 5 јајца.

Подготовка: Се запржува исечканиот кромид; се додава оризот и се пржи заедно уште малку. Се става сол и спанаќ. Убаво се меша оваа смеса и се претура во тепсија за печење. Се пече на 200 степени Ц. Пред крај на печењето, кога сеуште манџата е водна, се прават дупки во оризот и во секоја од нив се крши по едно јајце. Се враќа тепсијата во фурна да се допече јадењето. Кога е готов оризот се поросува со црн пипер.
 

Македонска салата
Потребно е:

  • 5 убави поголеми домати,
  • 5 печени и лупени зелени пиперки,
  • една главичка кромид,
  • 100 грама сирење, масло и сол.

Подготовка: Се сечкаат доматите крупно, се сечкаат пиперките и кромидот. Во нив се додава малку сол и масло . Убаво се меша и на крај одозгора се става дробеното бело сирење.
 

Предјадење на македонски начин

Потребно е:

  • 12 јајца,
  • разнобоен зеленчук,
  • 400 мл. кисела павлака,
  • 200 гр. издробено сирење;
  • 4-5 лажици мајонез;
  • црн пипер;
  • 1 чаша млеко, лук, сол

Подготовка: 

За корите: Се матат по три јајца , им се додава:

а) во првата кора се става ситно исечкана црвена пиперка, се додава малку млеко и се пржи, како кајгана, во рамна тава.

б) Во втората кора се додаваат тиквички, сечени на коцкички, сол и млеко. Постапката се повторува и со другите кори, само што во третата кора се додаваат сечкани перца од млад кромид и малку млеко, а во четвртата се додаваат мали (најмали) доматчиња исечени на половина и малку млеко. Сите кајгани се пржат посебно. 

Фил: Киселата павлака и сирењето се мешаат, се додаваат неколку лажици мајнез, се става црн пипер . Корите со кајганите се филуваат наизменично, како торта, а одозгора се премачкува со чиста кисела павлака. Се остава во фрижидер неколку часа пред да се служи. Се сече како торта.

 

Пилешки прсти
Потребно е:

  • 1 кг. бело месо од кокошка;
  • сол; црн пипер;
  • 1 јајце;
  • брашно;
  • сусам;
  • сончогледово масло за пржење.

Подготовка: Се сече белото месо на ленти, 5-6 цм долги, се препелкаат прво во изматеното јајце, потоа во брашно, во кое е додадена сол и црн пипер, а на крајот во сусам. Се пржат во врело масло.

 

Здрава салата
Потребно е:

  • 5 убави поголеми домати;
  • 1 зелена пиперка;
  • една главичка црвен кромид;
  • 1 авокадо;
  • маслинки;
  • сок од половина лимон; 
  • маслиново масло;
  • магдонос, кориандер и сол.

Подготовка: Се сечкаат сите состојки. Во нив се додава малку сол и масло . Убаво се меша и се служи.

 

Макало од кориандер
Потребно е:

  • 2 чаши ситно исечкан кориандер;
  • половина чаша измиени и исечкани листови од спанаќ;
  • 150 грама бадеми и ореви;
  • сол;
  • 4-5 чешниња лук;
  • црвен пипер;
  • 50 мл маслиново ладно цедено масло;
  • сок од половина лимон.

Подготовка: Се ставаат сите состојки во блендер и се дробат додека да станат мазна смеса. Се служат со бисквити.

 

Домашни солени бисквити
Потребно е:

  • Две чаши пулпа од моркови (тоа е остатокот кога од морковите се прави сок во соковник);
  • 2 чаши ленено семе - жолто, натопено и набабрено во вода неколку часа порано;
  • семки од сончоглед;
  • семки од тиква;
  • сусам;
  • кромид;
  • две лажици сув лук; оригано;
  • 2-3 лажички сол (морска или од камен);
  • половина лажичка црвен пипер.

Подготовка: Се ставаат сите состојки во блендер (освен сусамот и сончогледот) и се дробат. Потоа се додава сусамот и семките од сончоглед. Убаво се меша смесата и врз хартија за печење се става во рамна тепсија. Најдобро е да се стави во дехидратор машина, но може и во обична фурна. Фурната треба да биде вклучена на 40 степрени Ц, а смесата треба да се суши следните 6 часа во подотворена фурна. Потоа се вади и се превртува кората. Се вади хартијата за печење и се сече кората на квадрати или триаголници. Се враќа тепсијата во фурна и се суши уште 8 часа. Вака подготвените бисквити, откако убаво ќе се оладат, се ставаат во добро затворен сад и може да се чуваат околу еден месец.

Солени сусамки на тостер
Потребно е:

  • ½ кг. брашно;
  • 1 маргарин;
  • ½ лажичка сол;
  • една лажица прашок за печиво;
  • 3 јајца;
  • 150 грама дробено сирење;
  • 50 грама сусам; ким

Подготовка: Од наведените состојки се замесува тесто и се остава половина час во фрижидер. Потоа од тестото се формираат топчиња или се сечат долгнавести ленти, кои се печат на ребраст тостер. Се служат со кисела павлака.

 

Вкусен зеленчук


Потребни Состојки:

модар патлиџан
тиквички,
пиперки, 
кромид, печурки.


Начин на пoдгoтoвkа:

Зеленчукот се сече на долги резанки и се полива со маслиново масло, сол, црн пипер. Се остава да отстои во фрижидер малку. Се пече на топла скара додека не омекне при што се превртува постојано. На печениот зеленчук му се додава масло и киселина, по вкус. Се посолува и му се додава одозгора исечкан лук и свеж магдонос.
 
Нафора на македонски начин


 
Начин на пoдгoтoвkа:
Тврд домашен леб се сече на коцки, се полева со маслиново масло.

Се пече на крајот , откако месото е готово , на скарата. Откако ќе се испече лебот од сите страни се става во длабока чинија и одозгора се ренда тврдо бело сирење.
 
 
Макало-прилог за секоја скара


 
Потребни Состојки:
 
Една рака лук истолчен со сол
Една чаша масло
Eдна чаша оцет, вода по потреба.
 
Начин на пoдгoтoвkа:
 
Откако ќе се истолчи лукот и солта се додаваат маслото и оцедот и со миксер се меша додека не стане како бела пења. Потоа се додава вода по вкус и повторно се меша. По вкус може да се додаде и рендана краставица и лута буковска сол.
 
Стапчиња од зеленчук на скара


      
Потребни Состојки
Модар патлиџан
Тиквички
Домати
Црвена пиперка


Начин на пoдгoтoвkа:
Зеленчукот се сече на коцки, му се додава масло, сол, црн пипер и се боцка на стапчиња наиз менично.Шарените стапчиња се поливаат со масло и се запечуваат помалку од сите страни на скарата.