MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page »
 
Главни јадења и додатоци
 
 

Печено месо „Боли глава“
Потребно е:

  • 4-5 кгр свинска плешка;
  • моркови;
  • кисели краставички;
  • сланина

Подготовка: Свинското месо се мие, му се вади кожата и со ножот се прават дупки во кои се пикаат наизменично морковите, киселите краставички и сланината, кои се исечени по должина, како стапчиња. Месото се премачкува со кисела павлака измешана со вегета и црвен пипер. Целото парче месо се обложува со сланина. Остатокот од зеленчукот се распоредува во тавата за печење. Месото се пече на 150/160 степени покриено околу 1 час, се открива и продолжува да се пече уште 4 часа. Кога е готово треба да се покрие и да се остави да постои околу еден час.

 

Специјален грав со суви пиперки
Потребно е:

  • 350 гр грав;
  • 6-8 суви пиперки;
  • сол; масло

Подготовка: Гравот се вари на тивко и му се дотура вода, но се внимава да не се превари. Посебно на тивко се варат 6 -8 црвени суви пиперки колку да омекнат и се сечат и толчат со сол, во дрвен аван. Кога се истолчени се мешаат со гравот. Убаво се загрева маслото и се попарува гравот. Откако ќе се измеша може да се додаде истолчен лук. Се досолува ако треба и се служи со топол леб.

 

Ролат со спанаќ
Потребно е:

  • За тестото: 1/2 кг. спанаќ; 1 лажица путер; 150 гр. брашно; 3 јајца; 400 мл млеко; сол
  • За филот: 100 гр. бело сирење; една кисела павлака и 200 гр. сечкана шунка.

Подготовка: Спанаќот се мие и се сече. Се запржува со путер. Се додаваат другите состојки и се заедно се меша. Се пече во голема, четвртаста тепсија. Кога е готово се префрла платнена, влажна крпа и се витка како ролат. Откако ќе се олади се филува.

 

Пиперки полнети сo изварка
Потребно е:

  • 250 гр солена изварка;
  • 6-8 црвени долги пиперки;
  • масло

Подготовка: 
Пиперките се мијат и им се сечат рачките и секоја се полни со изварка. Се редат во тава, се поливаат со маслиново масло и се печат во фурна. Наместо да се печат, може да се испржат.

 

Посна чорба со боранија
Потребно е:

  • 1 кг боранија( најдобро е жолта, ама може и зелена),
  • 2 главички кромид,
  • 1 домат;
  • една лажичка црвен пипер; малку сол и црн пипер и една лажица брашно.

Подготовка: Се запржува кромидот, потоа се додава исечкан на парчиња доматот и тој се запржува. Се додава боранијата, црвениот пипер, брашното и се заедно се полева со вода. Се остава да се вари околу половина час. На крај се додава сол и црн пипер. 

Чорба од телешка коска 

Потребно е:

  • Една телешка коска и едно парче телешко месо;
  • 2 моркова; 
  • 1 пашканат;
  • 2 топчиња цвекло;
  • фиде

Подготовка: Се мие месото и се става да се вари во солена вода. Кога е наполу варено се додава зеленчукот исечен на коцки (освен цвеклото , кое излупено се вари цело) Чорбата се вари на тивок оган, а пред крајот и се додава 2 лажици вегета и фиде по потреба. Кога е потполно сварена се вадат месото и цвеклото и се сечат на коцки. Супата добива убава црвена боја и многу е здрава и вкусна за јадење.
 

Облешевски ориз
Потребно е:

  • Бел арборио ориз,
  • една главичка кромид,
  • сол, црн пипер,
  • спанаќ;
  • 5 јајца.

Подготовка: Се запржува исечканиот кромид; се додава оризот и се пржи заедно уште малку. Се става сол и спанаќ. Убаво се меша оваа смеса и се претура во тепсија за печење. Се пече на 200 степени Ц. Пред крај на печењето, кога сеуште манџата е водна, се прават дупки во оризот и во секоја од нив се крши по едно јајце. Се враќа тепсијата во фурна да се допече јадењето. Кога е готов оризот се поросува со црн пипер.
 

Македонска салата
Потребно е:

  • 5 убави поголеми домати,
  • 5 печени и лупени зелени пиперки,
  • една главичка кромид,
  • 100 грама сирење, масло и сол.

Подготовка: Се сечкаат доматите крупно, се сечкаат пиперките и кромидот. Во нив се додава малку сол и масло . Убаво се меша и на крај одозгора се става дробеното бело сирење.
 

Предјадење на македонски начин

Потребно е:

  • 12 јајца,
  • разнобоен зеленчук,
  • 400 мл. кисела павлака,
  • 200 гр. издробено сирење;
  • 4-5 лажици мајонез;
  • црн пипер;
  • 1 чаша млеко, лук, сол

Подготовка: 

За корите: Се матат по три јајца , им се додава:

а) во првата кора се става ситно исечкана црвена пиперка, се додава малку млеко и се пржи, како кајгана, во рамна тава.

б) Во втората кора се додаваат тиквички, сечени на коцкички, сол и млеко. Постапката се повторува и со другите кори, само што во третата кора се додаваат сечкани перца од млад кромид и малку млеко, а во четвртата се додаваат мали (најмали) доматчиња исечени на половина и малку млеко. Сите кајгани се пржат посебно. 

Фил: Киселата павлака и сирењето се мешаат, се додаваат неколку лажици мајнез, се става црн пипер . Корите со кајганите се филуваат наизменично, како торта, а одозгора се премачкува со чиста кисела павлака. Се остава во фрижидер неколку часа пред да се служи. Се сече како торта.

 

Пилешки прсти
Потребно е:

  • 1 кг. бело месо од кокошка;
  • сол; црн пипер;
  • 1 јајце;
  • брашно;
  • сусам;
  • сончогледово масло за пржење.

Подготовка: Се сече белото месо на ленти, 5-6 цм долги, се препелкаат прво во изматеното јајце, потоа во брашно, во кое е додадена сол и црн пипер, а на крајот во сусам. Се пржат во врело масло.

 

Здрава салата
Потребно е:

  • 5 убави поголеми домати;
  • 1 зелена пиперка;
  • една главичка црвен кромид;
  • 1 авокадо;
  • маслинки;
  • сок од половина лимон; 
  • маслиново масло;
  • магдонос, кориандер и сол.

Подготовка: Се сечкаат сите состојки. Во нив се додава малку сол и масло . Убаво се меша и се служи.

 

Макало од кориандер
Потребно е:

  • 2 чаши ситно исечкан кориандер;
  • половина чаша измиени и исечкани листови од спанаќ;
  • 150 грама бадеми и ореви;
  • сол;
  • 4-5 чешниња лук;
  • црвен пипер;
  • 50 мл маслиново ладно цедено масло;
  • сок од половина лимон.

Подготовка: Се ставаат сите состојки во блендер и се дробат додека да станат мазна смеса. Се служат со бисквити.

 

Домашни солени бисквити
Потребно е:

  • Две чаши пулпа од моркови (тоа е остатокот кога од морковите се прави сок во соковник);
  • 2 чаши ленено семе - жолто, натопено и набабрено во вода неколку часа порано;
  • семки од сончоглед;
  • семки од тиква;
  • сусам;
  • кромид;
  • две лажици сув лук; оригано;
  • 2-3 лажички сол (морска или од камен);
  • половина лажичка црвен пипер.

Подготовка: Се ставаат сите состојки во блендер (освен сусамот и сончогледот) и се дробат. Потоа се додава сусамот и семките од сончоглед. Убаво се меша смесата и врз хартија за печење се става во рамна тепсија. Најдобро е да се стави во дехидратор машина, но може и во обична фурна. Фурната треба да биде вклучена на 40 степрени Ц, а смесата треба да се суши следните 6 часа во подотворена фурна. Потоа се вади и се превртува кората. Се вади хартијата за печење и се сече кората на квадрати или триаголници. Се враќа тепсијата во фурна и се суши уште 8 часа. Вака подготвените бисквити, откако убаво ќе се оладат, се ставаат во добро затворен сад и може да се чуваат околу еден месец.

Солени сусамки на тостер
Потребно е:

  • ½ кг. брашно;
  • 1 маргарин;
  • ½ лажичка сол;
  • една лажица прашок за печиво;
  • 3 јајца;
  • 150 грама дробено сирење;
  • 50 грама сусам; ким

Подготовка: Од наведените состојки се замесува тесто и се остава половина час во фрижидер. Потоа од тестото се формираат топчиња или се сечат долгнавести ленти, кои се печат на ребраст тостер. Се служат со кисела павлака.

 

Вкусен зеленчук


Потребни Состојки:

модар патлиџан
тиквички,
пиперки, 
кромид, печурки.


Начин на пoдгoтoвkа:

Зеленчукот се сече на долги резанки и се полива со маслиново масло, сол, црн пипер. Се остава да отстои во фрижидер малку. Се пече на топла скара додека не омекне при што се превртува постојано. На печениот зеленчук му се додава масло и киселина, по вкус. Се посолува и му се додава одозгора исечкан лук и свеж магдонос.
 
Нафора на македонски начин


 
Начин на пoдгoтoвkа:
Тврд домашен леб се сече на коцки, се полева со маслиново масло.

Се пече на крајот , откако месото е готово , на скарата. Откако ќе се испече лебот од сите страни се става во длабока чинија и одозгора се ренда тврдо бело сирење.
 
 
Макало-прилог за секоја скара


 
Потребни Состојки:
 
Една рака лук истолчен со сол
Една чаша масло
Eдна чаша оцет, вода по потреба.
 
Начин на пoдгoтoвkа:
 
Откако ќе се истолчи лукот и солта се додаваат маслото и оцедот и со миксер се меша додека не стане како бела пења. Потоа се додава вода по вкус и повторно се меша. По вкус може да се додаде и рендана краставица и лута буковска сол.
 
Стапчиња од зеленчук на скара


      
Потребни Состојки
Модар патлиџан
Тиквички
Домати
Црвена пиперка


Начин на пoдгoтoвkа:
Зеленчукот се сече на коцки, му се додава масло, сол, црн пипер и се боцка на стапчиња наиз менично.Шарените стапчиња се поливаат со масло и се запечуваат помалку од сите страни на скарата.