MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page »
 
Свети Николај Мириклиски - Чудотворец
 
 

Во животот на нашиот човек посебно место има Св. Никола, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со многу обичаи , жртви, обредни лебови и сл. го празнуваат неговиот ден.
Неговиот ден е на 19/6 декември.

Овој важен лик од христијанаската религија потекнува од областа Мира во Ликија. Роден е кон крајот на 3 век, учествувал на првиот Вселенски собор во Никеја во 325година, каде удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој се одделил од христијанството и проповедал друго верување. Доживеал длабока старост и умрел во 343 година. Бил погребан во Мира, а подоцна пред налетот на Исламот со многу свечености неговите мошти биле пренесени во Бари, Италија во 1087 година, поради што, овој датум се смета за празник на Св. Никола.

Култот на Св. Никола е познат од век, а најстарото житие за него потекнува од Х век. Важел за заштитник на целото население и одцелиот свет поради што високо го ценат не само православните туку и католиците.Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои што како што стои во некои записи го викале Аджрбаба.

Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, дека ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, итн. Сепак во народното предание најповеќе е запаметен како господар на водите, морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода, зашто се верува дека тој многумина спасил уште додека бил жив. Во преданието се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на штица,. За цело време се молел на Бога да го спаси, А Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците.

Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека и "Свети Никола е на морињата - да варди луѓето од таласите на морето да не се удаат". С.Танов, пак, во записите на обичаи и верувања од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал поради дождови и поплави, а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата сите би се удавиле.На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот залив престанувал сообраќајот. Спространов во обичаите од Охрид забележал дека Свети Никола бил тој што и "...поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је ќе се заприт и ќе го држит".

Во македонските народни песни Св. Никола е опеан како стар Свети Никола кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири. И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите,друг пат како добил два празника во годината.