MACTEL.COM.AU
 
 
 
 

Home Page »
 
Свети Пророк Илија (ИЛИНДЕН)
 
 

Големиот Македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот човек асоцира на славното Илинденско востание и на Крушевката република, сепак во својата основа го има Свети Илија, лик од христијанската религија кој има значајно место и во народните верувања.

Пророк Илија живеел околу 900 години пред Христа, поточно роден е 816 година пред Христа ) во местото Тесвит. Царот на Евреите од тоа време Ахав многу ги кршел законите и покрај предупредувањето од Илија да не го прави тоа зашто може народот да го стигне божја казна. Царот Ахав сакал народот да се откаже од својот единствен Бог и да верува во богот Вал на кого што му подигнал храм во Самарија.

А кога меѓу народот завладеал неморал пророкот Илија се помолил на Господа и три години дожд не заврнал, а меѓу народот зафатил голем глад. Земјата испукала, секнале изворите, а многу луѓе и стока изумреле. А кога народот видел дека направил голем грев, и се покајал, пророкот Илија пак се помолил на Господа по што заврнал дожд.

Кога Исус се преобразил на ридот Тавор (на Преображение ) за да им покаже на своите апостоли како ќе воскресне после смртта, за што ги повел и апостолите Петар, Јаков и Јован, тука се појавиле и Мојсие и Илија кои одамна биле умрени и зборувале со Исус за тоа што ќе се случи по неговата смрт.

Во чест на пророкот Илија светата Христијанска црква го востановила празникот што се празнува на 2-ри август (или според сариот календар на 20 јули ).

Бидејќи во народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува и заклучува небото и пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз Свети Илија се пренесени многу елементи од врховниот пагански Бог, громовникот Перун.

Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека во летно време "кога да биет ровја, Св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе распилело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кој ќе се скриет".И во Кумановско свети Илија се држи како празник и не се работи, од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл.

Ефтим Спростанов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека, ако грми свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи Свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, атој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели.

Кузман Шапкарев кој објавил богати записи на многу македонски обичаи и верувања забележал дека на 20 јули ( стар стил ) на споменот на пророк Илија празнуваат еснафите.

Во Ѓевгелиско се сметало дека Св. Илија е сред лето. Исто така, овој ден се сметал за тежок празник и тогаш и тогаш никој не работел зашто тој бил аталија- може да те м'лсне и тресне. Народот верувал дека Св. Илија секогаш држел во рака некој боздоган и со него ја брка ламјата, а кога го фрла боздоганот, тогаш треска, удира гром. Народот верувал дека и Свети Илија како и Св. Андон можи да лекува некои болести, поради што многумина ги земале од црквите иконите на С. Илија и ги држеле кај болниот.

Свети Илија е присутен и во народните песни и во народните преданија.